Бразил: Поддржувачите на Болсонаро палеа и кршеа, се обидоа да упаднат во зградата на полицијата (ВИДЕО)

од Stefanija Kuzmanovska
277 прегледи

Приврзаниците на бразилскиот претседател во заминување, Жаир Болсонаро, се судрија со полицијата, кога запалија неколку возила и наводно се обиделе да упаднат во седиштето на федералната полиција во главниот град Бразилија, пренесува АП.

„Разбојништвото и обидот за упад во зградата на федералната полиција во Бразилија се неприфатливи“, изјави Флавио Дино, идниот министер за правда и јавна безбедност во владата на новоизбраниот претседател Луис Игнасио Лула да Силва.

Специјалните сили во полна опрема во понеделникот итно беа пренесени во седиштето на Федералната полиција како поддршка, а припадниците на безбедносните сили мораа да употребат шок-бомби и гумени куршуми за да ги растераат демонстрантите, објавија локалните медиуми.

Полицијата вчера блокираше неколку булевари и улици ширум Бразилија, демонстрантите на други места запалија најмалку еден автобус и беа видени како подигнуваат метални бариери, пренесе АП.

Откако Болсонаро ги загуби изборите од Да Силва на 30 октомври, неговите поддржувачи организираа протести ширум целата земја.

Надлежното избирачко тело вчера издаде официјална потврда за изборната победа на Лула да Силва на претседателските избори.

Претходно, федералниот изборен суд ја отфрли жалбата на партијата на претседателот во заминување Жаир Болсонаро, која изнесе приговори за регуларноста за време на вториот круг од претседателските избори одржани во октомври.

Слични содржини