Брифинг за борбената подготвеност на Армијата: Државата треба да остане посветена на вложувањата во одбраната и безбедноста

од Берта Китинска

Претседателот на Република Северна Македонија и врховен командант на вооружените сили, Стево Пендаровски денеска во Домот на Армијата во Скопје присуствуваше на брифинг за состојбата со борбената готовност на Армијата на Република Северна Македонија во 2021 година.

Началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски и директорот на Генералштабот, генерал-мајор Зоран Милески ја претставија состојбата и реализацијата на планираните активности во функционалните области, кои се дел од борбената готовност. Пред воениот врв беа презентирани реализираните задачи и достигнувања на Армијата во 2021 година, како и клучните задачи за следната 2022 година, при што се опфатија областите: персонален менаџмент и морал, операции во земјата и странство, обука и вежби, логистичка поддршка, воено планирање и структура на сили, врски и комуникации, буџетирање и цивилно-воена соработка.

Генералот Ѓурчиновски ја истакна подготвеноста на командите и единиците на Армијата за реализација на сите активности од планираната динамика во процесот на достигнување на целите на способност на НАТО и беше истакнато залагањето и професионалното извршување на задачите на припадниците на Армијата, со кое беа реализирани сите планирани активности и задачи, како и подготвеноста за асистенција на државните институции и помош на граѓаните.

Претседателот и врховен командант Стево Пендаровски пред учесниците на брифингот го изрази своето задоволство од професионалноста, посветеноста и покажаната пожртвуваност на припадниците на Армијата оваа година. Претседателот порача дека инвестирањето во модернизирањето и опремувањето на Армијата мора да продолжи, бидејќи со јакнење на нашите одбранбени капацитети и потенцијали не добива само Армијата, туку повратно влијае и врз економскиот раст и повисокиот животен стандард на граѓаните.

„Независно што здравствената и енергетската криза притискаат за поинаков распоред на буџетските приоритети, државата е неопходно да остане посветена на вложувањата во одбраната и безбедноста, затоа што тие се основата за функционирање и на други општествени сектори“, рече претседателот Пендаровски.

Тој како примери за ова ги наведе ангажираноста на Армијата во поддршка на здравствените и други институции за справувањето со пандемијата на Ковид-19, како и учеството на припадниците на Армијата во справувањето со пожарите оваа година.

Претседателот пред присутните ја истакна потпишаната заедничка декларација со НАТО минатиот месец, а со која и формално се заокружи процесот на нашето интегрирање во Алијансата и притоа оцени дека членството во НАТО ни помага подобро да се носиме и со старите, но и со новите безбедносни закани. Во тој контекст, Претседателот ја истакна неопходноста од спроведување реформи во областа на одбраната, безбедноста и разузнавањето, заради подобро соочување со хибридните и киберзакани, како и дезинформациите.

Говорејќи и за департизацијата на институциите во областа на одбраната и безбедноста, претседателот Пендаровски упати порака до воениот врв дека политиката мора да се држи настрана од армиските редови. Тој додаде дека припадниците на нашата Армија, како и сите граѓани на Северна Македонија се разбира дека имаат право на свое лично политичко убедување, но мораат да ѝ служат единствено на државата, независно од политичката гарнитура на власт.

На брифингот за борбената готовност на Армијата во 2021 година, кој е редовна обврска на началникот на Генералштабот кон врховниот командант, присуствуваа и министерката за одбрана, Радмила Шекеринска Јанковска, генералите во Армијата и претставници од кабинетот на претседателот.

Слични содржини