Брисел не го закопува Преспанскиот договор, вниманието свртено кон пратениците

од desk2
230 прегледи
Ден по референдумот, Европската Унија, преку комесарот за проширување, Јоханес Хан и високата претставничка за надворешна политика, Федерика Могерини, порача дека исходот од референдумот е знак за поддршка од граѓаните како за Преспанскиот Договор, така и за европската иднина на земјата.

„На мирен и демократски начин огромно мнозинство од оние кои го искористија своето право на глас рекоа “да“ за Преспанскиот договор за името и за европскиот пат. Парламентот е сега повикан да продолжи со следните чекор за имеплементација на договорот за името преку одлука за усвојување на уставните промени“, пишува во изјавата на Хан и Могерини.

Повеќето дипломати во Брисел се на истата линија со еврокомесарот и високата претставничка, а се очекува вниманието на Европската Унија сега да се сврти кон пратениците во македонското Собрание за усвојување на потребните уставни промени.

Брисел, исто така, ја чека конечната оценка на ОБСЕ/ОДИХР за гласањето, со надеж дека тој можеби ќе даде одговори за нискиот одѕив на граѓаните. Дипломати во Брисел за МИА велат дека ги интересира да знаат дали имало притисоци или заплашувања луѓето да не излегуваат да гласаат, но и дека остануваат прашања околу прочистувањето на избирачкиот список.

За Брисел, како и за јавноста во Македонија, нејаснотиите околу прочистувањето на избирачкиот список се проблематични.

Непосредно пред референдумот Државната Изборна Комисија призна дека избирачкиот список “не е идеален“. Кон почетокот на август, ДИК најави дека новиот избирачки список ги вклучува сите што наполниле 18 години до 30 септември, а отстранети се починатите до 30 јуни годинава. Но, останува отворено прашањето дали и колку граѓани ја напуштиле државата, но остануваат регистрирани на списокот. Во услови на непопишано население од 2002, ситуацијата е деликатна за сите оние кои ги толкуваат резултатите од референдумот.

Сепак во ЕУ преовладува впечатокот дека 600 илјади гласови се “сериозна бројка“ која е тешко да се игнорира, оттука и оценката на комесарот Хан и на Могерини дека граѓаните го поддржуваат Договорот.

Европските дипломати имаат слух и за аргументот на владата дека цензусот од 50 отсто е висок, особено во споредба со цензусот за претседателските избори кој е 40 отсто.

– Процентот од 36 отсто е вообичаена излезност за многу земји во светот, велат извори во Брисел за МИА.

За дипломатите, бојкотот ги комплицира работите, но “не го укинува гласот на оние кои излегоа да гласаат“.

-Повеќе сакавме да има висок одѕив се разбира, но тоа не менува ништо суштински освен ако нема мнозинство во Собранието, објаснуваат извори на МИА во Брисел.

Притоа, прашањата остануваат отворени околу фактот што референдумот беше консултативен и како таков за некои надворешни набљудувачи е тешко да се разбере зошто излезеноста е обврзувачка. Но, Европската Комисија како и земјите членки, согласно правилата, не се мешаат во внатрешните процедури на земјите кандидати, потсетуваат во Брисел.

Во секој случај, сите дипломатски извори во Брисел за МИА се надеваат дека опозицијата “ќе биде поконструктивна од досега“ и никој не го закопува Преспанскиот Договор сѐ додека не се исцрпени сите механизми, пред сѐ гласањето во Собрание. Во овој контекст не се исклучува притисок од европското семејство врз ВМРО ДПМНЕ од Европската Народна Партија.

Парламентарната група на ЕПП за сега не се огласила со реакција по вчерашното гласање, освен Едвард Кукан, кој на Твитер порача дека сигналот на граѓаните за поддршка на Договорот со Грција е јасен и тој треба да се почитува и покрај ниската излезеност. Тој побара од сите политичари во Македонија да ја “зграпчат“ приликата за подобра иднина на Македонија.

Европските демохристијани беа резервирани во нивните реакции и по потпишувањето на Договорот за името, бидејќи нивните сестрински партии од двете страни на грчко-македонската граница се изјаснија против овој компромис, но зад кулисите дипломатите тврдат дека истакнати членови ЕПП се обидуваат да посредуваат и да ги омекнат ставовите на ВМРО и на Нова Демократија. Слична дискретна посредувачка улога не е исклучена и во наредниот период кога ќе треба да се убедуваат пратениците од опозицијата да гласаат за уставните измени, велат извори во Брисел.

Прашања инаку остануваат неодоговорени и околу тоа колку е кредибилна можноста да се оди на предвремени избори, опција која во Брисел никого не го воодушевува.

Изворите на МИА предупредуваат исто така дека Преспанскиот Договор содржи одредени рокови кои треба да се бидат запазени.

Слични содржини