Комесарот за трговија на ЕУ, Фил Хоган, предупреди дека односите на блокот со Велика Британија ќе претрпат „огромна“ промена по крајот на транзицискиот период. Ова ќе биде случај без оглед на тоа дали страните ќе постигнат трговски договор до крајот на годината.

Во изјавата од Европскиот парламент во Брисел, Хоган ги повика владите на земјите-членки да направат повеќе за да ги направат деловните субјекти свесни за промените со кои ќе мора да се соочат по 31 декември. Бидејќи Лондон планира да го напушти Единствениот пазар и Царинската унија, постигнувањето на договор за слободна трговија само ќе ја ограничи економската штета, рече тој, цитиран од „Блумберг“.

„На 1 јануари, работите ќе се променат како и да е, дури и ако постигнеме договор“, рече Хоган. „Ќе биде многу полошо без зделка, но дури и со зделка ќе има огромна промена во логистиката, во тоа како ние тргуваме едни со други, како патуваме“, додаде комесарот.

Бизнисите се соочуваат со ризик од дополнителни царински побарувања и забавувања преку границите, дури и ако Лондон и Брисел се договорат за идна врска. Доколку преговорите не успеат, тогаш Велика Британија и ЕУ ќе треба да тргуваат според условите на Светската трговска организација, што значи да се вратат даноците и квотите за прв пат по децении.

Преговорите меѓу Велика Британија и ЕУ за нивните идни трговски односи се веќе извор на напнатост, иако тие сè уште не се официјално започнати, а треба да се одржат следниот месец. Лондон сака да постигне договор за трговија со стоки без царини и квоти слични на оние меѓу блокот и Канада. Но, Велика Британија веќе ги одби барањата на Брисел за примена на европските правила во области како што е државна помош, заштита на животната средина и многу повеќе.

„Бевме јасни дека не сакаме посебен, персонализиран или уникатен договор. Ние сакаме договор за слободна трговија сличен на она што Канада честопати го кажува дека го нуди“, рече портпаролот на британската влада.

„Нема причина нашата блискост со ЕУ да значи дополнителни трговски ограничувања“, додаде тој.

Слични содржини