Брисел: ЗСО е приоритет број еден

од Nikola Popovski

Формирањето на Заедницата на српските општини е „услов над условите“ и „приоритет број еден“ во дијалогот меѓу Белград и Приштина за нормализација на односите, наведуваат од српска „Политика“ од дипломатски извори од седиштето на Европската унија. Ако нема напредок по оваа точка од бриселскиот договор потпишан пред повеќе од десет години, нема да има напредок и за другите прашања за кои се разговараше врз основа на последните договори од Брисел и Охрид.

Дипломатите од седиштето на ЕУ во Брисел истакнале дека првиот чекор кон формирањето на ЗСО е направен со презентирање на нацрт-статутот на последниот состанок во Брисел, на кој присуствуваа претседателот на Србија, Александар Вучиќ и премиерот на Косово, Албин Курти. На таа средба двете страни изразиле многу различни ставови за тој документ, бидејќи Белград сака да ја формира Заедницата како што беше договорено во 2013 и 2015 година, додека Приштина сака таа да биде невладина организација.

За ЕУ претставувањето на нацрт-статутот има и симболично и суштинско значење.

„Не го видовме документот пред презентацијата. Но, тоа не беше изненадување за нас, бидејќи претходно ги слушнавме ставовите на страните. Тоа беше предлог за многу широки извршни овластувања. И не беше изненадување што Албин Курти одби. Тој го презентираше својот предлог, сосема спротивен на нацртот на управувачкиот тим. И ова не беше ништо неочекувано. Сега мора да се обидеме да ги надминеме разликите меѓу партиите. Затоа, презентацијата не беше чин само по себе, туку почеток на неопходен процес“, наведува дипломатот од ЕУ, пишува „Политика“. Тој предупредува дека експертите и главните преговарачи во дијалогот се повторно поканети да одат во Брисел и да ги продолжат разговорите, за да се создадат услови за компромис.

Слични содржини