Британија ги укинува сите мерки, нема повеќе самоизолација и следење на контактите на заразените

од Nikola Popovski

Во Велика Британија ќе бидат укинати сите преостанати мерки воведени поради Ковид-19, изјави премиерот Борис Џонсон и посочи дека ограничувањата на владата се префрлаат на лична одговорност. Сепак, тој предупреди дека пандемијата не е завршена и дека вирусот сепак може да биде непријатно изненадување.

Од четврток заразените граѓани повеќе нема да имаат законска обврска за самоизолација, а следењето на контактите на заразените ќе престане, изјави Џонсон во парламентот. Луѓето ќе продолжат да се советуваат да останат дома доколку се болни, но повеќе нема да ја добиваат дополнителната финансиска поддршка воведена за време на пандемијата на отсуство од работа.

Од 1 април ПЦР тестовите ќе бидат бесплатни само за старите лица и лицата со послаб имунитет. Сепак, владата нагласи дека пандемијата не е завршена и дека вирусот сепак може да биде непријатно изненадување.

Џонсон рече дека научниците „се сигурни дека ќе има нови соеви и многу е можно тие да бидат полоши од омикрон“.

Владата ќе понуди четврта доза од вакцината за луѓето постари од 75 години и за ранливите групи.

„Не ни требаат закони за да бидеме внимателни со другите… Да научиме да живееме со овој вирус и да продолжиме да се штитиме себеси и другите без да ги ограничуваме нашите слободи“, рече Џонсон.

Некои научници рекоа дека укинувањето на сите ограничувања е ризичен потег што може да доведе до зголемување на инфекциите и да ја ослабне одбраната на земјата од повеќе заразни идни соеви.

Слични содржини