Британската Влада не се откажува од идејата Биг Бен да се огласи на денот на Брегзит

од Nikola Popovski

Британскиот премиер Борис Џонсон изјави денеска дека Владата се уште не се откажала од идејата Биг Бен да се огласи на 31 јануари, на денот кога Велика Британија ја напушта Европската унија.

Темата беше дискутирана на вчерашната комисиска седница во Претставничкиот дом, каде е одлучено дека ѕвоното нема да се огласи на денот на Брегзит поради финансиски и логистички проблеми. На седницата беше посочено дека огласувањето на познатиот часовник на тој ден ќе чини оиколу 500.000 фунти, наместо претходно проценетите 120.000 фунти. Зголемувањето на цената се должи на тоа дека би било потребно да се монтира и потоа демонтира привремена основа за часовникот.

Сепак Џонсон денеска рече дека Владата се уште не се откажува од идејата да се огласи часовникот во 23 часот на 31 декември, но средствата да ги соберат граѓаните преку самопридонес. Тој ги повика граѓаните, преку некаква форма на собирање средства „да дадат некоја пара“ за да се огласи часовникот во посакуваното време.

Ѕвоното тешко 13,7 тона не се огласило од 2017 година, кога почнаа работите за реставрација на кулата Елизабет, каде тоа се наоѓа, и кое се огласува само за новогодишните празници.

Слични содржини