Британски воен генерал кон своите војници: Подгответе се за борба со војската на Путин на европско тло

од Vladimir Zorba

Највисокиот британски воен генерал им порача на своите војници „да се подготват за борба и победа над војската на Путин во војна на европско тло“, беше објавено синоќа.

„Ние сме генерацијата што мора да ја подготви армијата повторно да се бори во Европа“, рече генералот Сер Патрик Сандерс, кој оваа недела ја презеде целокупната команда на британската армија.

Тој им ги упати овие зборови на војниците бидејќи „руската инвазија на Украина ја поткопува глобалната стабилност“, пишува Дејли Меил.

Во шокантната порака до британските војници, тој напиша: „Јас сум првиот началник на Генералштабот од 1941 година што ја презема командата на армијата во сенката на копнена војна во Европа во која е вклучена континентална сила… континуираната закана од Русија покажува дека влеговме во нова ера на несигурност. Моја единствена должност е да ја направам нашата армија што е можно поубиствена и поефикасна. Сега е време и наша можност тоа да го искористиме“.

Да потсетиме, рускиот претседател Владимир Путин во петокот зборуваше на Меѓународниот економски форум во Санкт Петербург, каде се обиде да ја оправда својата „специјална операција“ во Украина, опишувајќи ја како „легална според меѓународното право“.

Еден од неговите клучни сојузници, казахстанскиот претседател Касим-Жомарт Токаев, не се согласува.

– Казахстан не признава „квази-државни територии кои, според нас, се она што се Луганск и Доњецк“ – рече Токаев на форумот и го образложи своето мислење за Повелбата на ОН и нејзините одредби за правото на народите на самоопределување.

– Можеме да кажеме дека територијалниот интегритет на светот е категорија од една страна, додека други ќе тврдат дека секој народ што живее во една земја има право на самоопределување и право да се оддели од таа земја – рече казахстанскиот претседател и додаде ќе има повеќе од 500 нови држави кога сите нации би го реализирале тоа право.

– Од тие причини не ги признаваме Тајван, Косово или Јужна Осетија…и на ист начин ќе се однесуваме и во однос на териториите ЛНР и ДНР, односно Луганск и Доњецк – одговори тој. одлучно.

Слични содржини