Британскиот „крал на кокаинот“ уапсен во Бугарија

од Stefanija Kuzmanovska

Таканаречениот „крал на кокаинот“ и еден од најбараните лица во Британија е уапсен во Бугарија.

Бенџамин Мекан (32) е уапсен во понеделникот во хотел во градот Пловдив. Со себе имал лажен и вистински пасош на туѓо име.

Локалната полиција го обвинува Мекан дека организирал заговор за испорака на повеќе килограми кокаин во 2020 година користејќи шифрирани мобилни телефони, пишува „Дејли Мејл“.

Се сметаше дека Британецот се крие во Барселона, но властите влегоа во Бугарија по заедничка операција на британската национална агенција за криминал (NCA), бугарската полиција и шпанската цивилна гарда.

Мекан сега е во притвор во Бугарија и чека екстрадиција назад во Велика Британија. Максималната казна за набавка на дрога од класа А е доживотен затвор.

Мекан е на листата на 12 најбарани луѓе во Британија. Петмина од 12-те бегалци се уапсени.

Стив Рејнолдс, регионален менаџер на NCA во Шпанија, рече дека „апсењето на Бенџамин Мекан било овозможено по напорната работа на меѓународните офицери за врски, тимот за бегалци од Цивилната гарда, бугарската полиција и колегите во бугарската Дирекција за меѓународна соработка“.

„Мекан е петтиот бегалец кој е уапсен од листата на најбарани. Нема да застанеме додека другите не бидат фатени“, додаде Рејнолдс.

Слични содржини