Британските конзервативци со најубедлива победа од времето на Маргарет Тачер

од Maja Serafimova

– Британскиот премиер Борис Џонсон се сретна со кралицата Елизабета Втора и формално побара да формира Влада во нејзино име.

Џонсон помина повеќе од половина час во Бакингемската палата каде беше спроведен уставниот ритуал, јави Би-Би-Си.

Тој е 14-от премиер откако кралицата е на престолот во 1952 година.

Конзервативната партија на премиерот Борис Џонсон убедливо победи на парламентарните избори во Велика Британија, додека опозициските лабуристи забележаа најлош резултат од 1935 година.

Врз основа на објавени резултати за 649 од 650 изборни единици на вчерашните вонредни избори за Долниот дом на британскиот Парламент, конзервативците освоија 364 мандати, 78 повеќе од сите други партии заедно.

Ова е нивни четврти најдобар резултат од 1935 година, односно повеќе мандати освоија на изборите во 1983 и 1987 година, кога партијата ја водеше Маргарет Тачер, и во 1959 година во времето на Харолд Макмилан.

Лабуристите предводени од Џереми Корбин во новиот состав на Парламентот ќе имаат 203 мандати, најмалку од изборите во 1935 година.

На претходните избори, исто така вонредни, одржани во јуни 2017 година, конзервативците освоија 317 мандати, а лабуристите 262.

Одличен резултат забележа и Шкотската национална партија (СНП) на Никола Старџон кој ќе има 48 пратеници, 13 повеќе од досега.

Либералните демократи ќе имаат 11 пратеници, северноирската Демократска унионистичка партија осум, левичарската партија на ирските републиканци Шин фејн седум, а велшките националисти (Плејд Камри) четири.

Во Парламентот влезе и Социјалдемократската и работничка партија која ќе има два пратеници, како и Зелените и северноирската партија Алијанса кои ќе имаат по еден член на Парламентот.

Неодамна формираната Партија за Брегзит на Најџела Фараж ќе останенадвор од Парламентот затоа што не успеа да победи ниту во една од 650 изборни единици. Нејзините кандидати не учествуваа во повеќе од 300 изборни единици кои се сметаат за упориште на конзервативците, за да се избегне раситнување на гласовите на приврзаниците на Брегзит.

Џонсон после убедливата победа вети дека неговата влада ќе го спроведе Брегзит во предвидениот рок, до 31 јануари.

После најлошиот резултат на лабуристите во последните 84 години, Корбин најави дека нема да ја предводи партијата на наредните избори, но е наведе кога ќе поднесе оставка, велејќи дека ќе остане на чело на партијата додека таа не ги разгледа изборните резултати и идната политика.

Лидерката на СНП Старџон пораба од Џонсона да и овозможи на Шкотска да одржи нов референдум за независност на Шкотска од Велика Британија.

Оставка денеска поднесе претседателката на Либералните демократи Џо Свинсон, откако го изгуби пратеничкото место со пораз во својата изборна единица од кандидатката на Шкотската национална партија.

Слични содржини