Бритни Спирс го чека своето трето дете

од Vladimir Zorba

Пејачката Бритни Спирс (40) во понеделникот на Инстаграм објави дека е повторно бремена и дека очекува принова со Сем Асгари (28).

Ова е нејзино трето дете и прво со Асгари, кого во објавата го нарече својот сопруг. Таа ги има синовите Шон Престон (16) и Џејден Џејмс (15) од бракот со Кевин Федерлајн.

Спирс напишала дека забележала дека се здебелила, но тоа не го препишала на вишокот килограми поради прекумерното консумирање храна, па решила да провери зошто.

„И така купив тест за бременост и бремена сум“, напиша таа.

Само неколку месеци по завршувањето на контроверзниот 13-годишен „притвор“, работите се движат во насока која Бритни одамна ја посакуваше.

До ноември старателството го држеше нејзиниот татко Џејми Спирс кој го контролираше нејзиниот личен живот и имот од 60 милиони долари.

На судското рочиште за прекин на притворот минатото лето, таа рече дека би сакала да основа семејство со партнерот Сем Асгари.

Пејачката откри и дека нема намера толку често да се појавува во јавноста, по што папараците нема да можат да заработат на нејзините фотографии.

Поп-ѕвездата напиша дека страдала од депресија за време на претходните бремености и дека сега разбира дека жените имаат можност поотворено да зборуваат за своето ментално здравје за време на бременоста.

„Овој пат ќе вежбам јога секој ден и ќе ширам љубов и радост“, напиша меѓу другото Бритни.

Слични содржини