Брнабиќ: Со Курти ниту разговор, ниту договор

од Stefanija Kuzmanovska

Премиерот на Србија, Ана Брнабиќ, изјави дека „нема разговори ниту договори со премиерот на Косово, Албин Курти, и нема да има заеднички договори“.

Брнабиќ повтори дека состанокот во Тирана бил „многу бурен и тежок“ и дека станува збор за подготвителен состанок за 15 јуни во Брисел, на кој ќе присуствува српскиот претседател Александар Вучиќ.

На прашањето како го коментира фактот дека Курти ја обвинува Србија за геноцид, Брнабиќ рече дека тој е „идеолошки фанатик со нула прагматизам“.

„Тој и се заканува на Србија со тужби за геноцид секој ден. Нека покрене тужба, а потоа нека каже што сака, нека докаже што има, но не се заканувај, особено не на регионални состаноци, затоа што тогаш прави циркус од нив“, рече таа за ТВ Прва.

Таа оцени дека, што се однесува до Косово, „работите се тешки и ќе бидат се потешки“.

„Фактот што сега имаме политички елити во Приштина, луѓе кои не сакаат да зборуваат, е катастрофа за целиот регион и ќе биде исклучително тешко за претседателот (Вучиќ) на 15 јуни“, смета таа.

Таа исто така рече дека „нема надеж“ дека ќе се постигне заеднички консензус со другите партии за прашањето на Косово, бидејќи, како што додаде, ако тоа го ослаби Вучиќ, лидерот на Партијата за слобода и правда, Драган Ѓилас, би бил на страната на Курти.

Слични содржини