Брнабиќ: Во Србија нема место за паника поради загадениот воздух

од Aleksandar Petrovski

Српската премиерка Ана Брнабиќ, по повод зголеменото ниво на загадување на воздухот во Србија изјави дека нема простор или причина за паника, затоа што тоа не е нешто што е нов феномен, бидејќи со години се повторува како резултат на временските услови.

-Ова не е за паника и нема простор за паника. Клучен проблем во моментот се индивидуалните ложишта, бидејќи 60 проценти од домаќинствата во Србија не се поврзани со системот за централно греење, изјави Брнабиќ.

Како што јави дописникот на МИА од Белград, Брнабиќ оцени дека „малку повисокото загадувањето на воздухот“ се должи на метеоролошките услови и зголемениот број на автомобили, затоа што „само во Белград ги има 80.000 повеќе од пред пет или шест години“.

Таа кажа дека на итната седница на Владата закажана поради загадениот воздух во Србија, е договорено формирање на работно тело што ќе го разгледа прашањето за загадувањето на воздухот и ќе ја координира работата на пет надлежни министерства.

Српскиот министер за животна средина Горан Триван, по состанокот изјави дека на владината седница е разговарано за овој проблем и дека се договрени мерки, притоа потврдно одговори дека ќе бидат превземени краткорочни мерки, како оние во Северна Македонија и Сараево.

-Сакате чист воздух или да се возите со евро 3 мотори, праша Триван.

Тој коментирајќи ги информациите дека Белград е меѓу најзагадените градови во светот, рече дека тоа зависи од методологијата.

-Ми пречи кога се вели дека Белград е најзагаден, не е најзагаден, но точно е дека е загаден,кажа министерот за екологија.

Во соопштението на српската влада се вели дека ќе се формира тело за координирање на работата на сите државни органи, за информирање на јавноста и за предлагање и анализирање на ефектите од мерките што ги спроведува Република Србија за заштита на животната средина.

-Министерството за здравство и Институтот за јавно здравје на Србија истакнаа дека нема причина за паника, дека податоците од здравствените установи покажале дека нема зголемување на бројот на деца примени на лекување споредено со истиот период претходните години. Претставници на Министерството за животна средина и Министерството за здравство ја информираа премиерката дека сегашното загадување на воздухот е во вид на честички и варира во зависност од времето на денот, климатските услови и самото присуство на изворот на загадување “, се вели во соопштението.

Слични содржини