Бројот на активни случаи од ковид-19 намален под 3.000, пристапот на широко тестирање дава резултати

од Vladimir Zorba

Институтот за јавно здравје денеска регистрира намален број на активни случаи – 2950. По подолг период бројот на активни случаи е под 3.000.

– Последен пат под 3.000 активни случаи се регистрирани на 23 јуни оваа година. Поголемиот број на оздравени лица во споредба со новозаболените придонесува за намалување на бројот на активни случаи во континуитет во последниот период, велат од Министерството за здравство.

Оттаму истакнуваат дека денеска се регистрира и рекорден број на направени тестови на дневно ниво – 2172, со што вкупната бројка на тестови во нашата земја достигна 123 122. Министерството за здравство информира дека со зголемување на капацитетите за дијагностика и зголемувањето на бројот на тестови, со пристапот на широко тестирање, целта е рано откривање и следење на што е можно поголем број на случаи, вклучувајќи ги и асимптоматските носители на Ковид-19.

Од ресорното министерството истакнуваат дека мерките за заштита од Ковид-19 даваат резултати секаде каде што се почитуваат.

– Граѓаните се повеќе се придржуваат до препораките на здравствените власти за спречување на ширење на коронавирусот, а пристапот на широко тестирање дава резултати во откривањето на асимптоматските случаи, велат од Министерството за здравсто.

Оттаму уште еднаш апелираат до граѓаните, без исклучок, да продолжат да се придржуваат до трите правила – носење заштитна маска, одржување на физичка дистанца и често миење на рацете.

-Само заеднички можеме да се избориме со ковид-19. Да бидеме одговорни за нашето здравје, но и здравјето на нашите најблиски, порачуваат од министерството.

Слични содржини