Бројот на несреќи од плински боци расте, институциите си ја префрлааат одговорноста еден на друг

од Ивана Рамаданова

По трагедијата во кумановското село Романовце, каде при експлозија на плинска боца загинаа три деца и еден повозрасен човек, а има и три повредени, повторно го актуализира прашањето за безбедното ракување со овие уреди, како и техничките контроли што се вршат врз нив. За да се заштеди пари, граѓаните најчесто купуваат плински боци кои немаат истакнати технички карактеристики, а дополнителен проблем е што интервенциите на системите често ги прават и нестручни лица. Се вградуваат неквалитетни делови, кои не ги исполнуваат предвидените безбедносни стандарди, што подоцна резултира со хаварија.

Проблемите се јавуваат при нестручно ракување и лошо одржување на уредите, поточно од несоодветно и нестручно ракување, стари уреди, како и стара инсталација,  иако во прашање се става и нивниот квалитет и потекло, смета машинскиот инжинер Чало Чаловски.

„Боците генерално се најмалиот проблем, туку проблемот се јавува кога нестручно се ракува со нив. Боците никогаш не треба да се полнат докрај, туку да се полнат до 80 отсто од зафатнината. Тоа овозможува гасот при високи надворешни температури да може слободно да се шири во внатрешноста и да не ја деформира самата боца. Се ставаат и неквалитетни материјали, поради што може да дојде до пукање на црево и гасот да истече, па кога ќе дојде до поголема концентрација на тој гас, да се случи и експлозија“, вели Чаловски.

Според него, граѓаните не внимаваат каде ги чуваат плинските боци, па истите некогаш знаат да ги стават во просторија каде што има извор на топлина или оган.

„Може да се случи плинската боца да пушта поради несоодветно ракување. Затоа многу е важно онаму каде што се чува плинската боца да има и проветрување. Доволна е мала искра да го запали гасот кој излегува од плинската боца, доколку во просторијата нема проветрување. Многу важен сегмент е дали и како сме ја поврзале боцата со домаќинските уреди. Затоа при поврзувањето, многу е важно да се постави неповратен вентил, бодејќи во случај на пожар, вентилот го топи осигурачот и го блокира истекувањето на плинот од боцата. Втората причина поради која се случуваат експлозии на плински боци е неисправноста на вентилите на боците. Гасот не смее да излегува надвор од инсталацијата, а тоа најлесно може да се провери со сунѓер натопен со сјај и вода, па доколку од приклучокот излегува гас, на сунѓерот ќе се појават меурчиња“, додава Чаловски.

Чаловски потсетува дека со испитувањето на боците кај нас е регулирано со закон, а истовремено инспекторите на терен треба да внимаваат на сите бици кои се продаваат. Тој нагласува дека за жал кај нас се увезуваат боци од сомнително потекло и истите се продаваат за многу пониска цена.

Регулаторната комисија за енергетика има јасна надлежност за издавање лиценци за трговија со плин и горива само на големо, во останатиот дел во контролата надлежност е кај надлежниот технички инсоекторат, велат од Регулаторна.

“Во синџирот до трговија на мало, не само за популарните плински боци туку и за бензинските пумпи, Регулаторната комисија за енергетика нема надлежност на мориторирање на тој дел од пазарот со нафта и нафтени деривати. Единствено можеме да постапиме доколку некој трговец на бензинска применува цени повисоки од максималните кои се определени и за тоа ги известуваме останатите институции“, вели Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги.

Од Државниот пазарен инспекторат велат дека Државниот технички инспекторат е надлежен за контрола на плинските боци, а од Државниот инспекторат за техничка инспекција пак велат дека тие се надлежни само за проверка на периодичноста на боците.

„За плинските боци обратете се во Техничка инспекција. Тоа се апарати под притисок. Ние ја гледаме само ознаката CE согласно законот за безбедност на производи“, вели Стојко Пауновски, директорот на Државен пазарен инспекторат.

Ѓорѓи Трајаноски од Државниот технички инспекторат пак вели дека голем дел од бензинските пумпи полнат плински шишиња за домаќинствата иако не се регистрирани за таа дејност, а единствено имаат дозвола да полнат возила со плин.

„Шишињата за домаќинствата се полнат само во овластени полначници. Ние немаме надлежност да ги спречиме неовластените полначници. Надлежен за тоа е Пазарниот инспекторат, а наша надлежност е да провериме дали навремено се проверени шишињата. Нашата надлежност е периодично испитување на опрема под притисок и на пренослива опрема под притисок што се врши на пет години. Покрај тоа, ние како Инспекторат не добиваме податоци од Царината за влез на опрема. Царината за тоа го известува Пазарниот инспекторат“, изјави Трајаноски

Во државата не е прецизирано кој е надлежен за продажба на нафта и нафтени деривати на мало, единствено Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) има надежност за издавање лиценци за работа со нафта и нафтени деривати, но на големо, а единствената компанија со сертифициран сервис за контрола, сервисирање и полнење плински боци е Макпетрол.

При набавка на плин, испразнетата плинска боца се носи на бензиските пумпи на Макпетрол од каде се добива друга боца која е прегледана сертифицирана и најважно од се сигурна за користење. Исто така е потребно да се проверува датумот на техничка исправност на секоја боца пред да се земе и да се постави во домот, кој датум мора да биде втиснат на горниот дел на боцата, веднаш под шиберот за пуштање на боцата, доколку на боцата нема таков датум или е истечен, може случајот да се пријави, за да можат надлежните да ги превземат потребните мерки.

Боците задолжително се полнат во специјализирани полнилници каде што се контролираат издржливоста на притисок на боцата и функционалната исправност на вентилот пред да се наполни со ТНГ, соопштуваат од Макпетрол.

„Периодичниот преглед на боците пред нивното полнење го прави акредитирано инспекциско тело во склоп на Макпетрол АД и за тоа издава соодветен сертификат.После полнењето, повторно се проверуваат пропустливоста на телото на боцата и вентилот. Неисправниот вентил, иако е во затворена позиција, може незабележливо да го пропушта гасот и истиот да истече во просторијата. Од полнилниците, до крајните потрошувачи Макпетрол АД секогаш дистрибуира целосно контролирана, исправна и соодветно заштитена и означена ТНГ боца“, се додава во соопштението на Макпетрол.

* Во декември минатата година, кумановец бил повреден од експлозија на плинска боца во Доброшане
* Во Битола, повредено е едно лице во експлозија на плинска боца во рибарница на трети јануари годинава, а неколку месеци претходно повредени се две жени во стан во населба Баир, исто така во Битола
* Во Тетово пред три месеци загина 24 годишник откако во неговиот стан експлодирала плинска боца, а неколку месеци пред тоа во Тетово една жена се здобила со сериозни повреди по експлозија на плинска боца на ул. 29 Ноември
* Во јануари минатата година експлозија на плинска боца во Гевгелија уби еден и повреди тројца…

И.Р.

 

 

Слични содржини