Бројот на загинати во поплавите надмина 20: На ред да биде погодена е Италија

од Илинка Илиоска
39 прегледи

Жителите на неколку полски и чешки региони беа евакуирани во последниве денови, а други во Централна Европа почнаа да ги расчистуваат своите населби по најтешките поплави во повеќе од две децении кои зад себе оставија пустош и се повеќе мртви. Невремето го напушти регионот, но допрва следуваат реални проблеми во вид на поплави, порои и лизгање на земјиштето, пишуваат унгарските портали.

Пограничните области меѓу Чешка и Полска викендов беа силно погодени од екстремно обилни дождови кои предизвикаа поројни поплави кои однесоа некои мостови, ги принудија жителите да се евакуираат и оштетија автомобили и куќи.

Централна Европа се справува со последиците од она што некои метеоролози го опишаа како најтешките поплави во регионот во последните 30 години. Бројот на загинати во Полска, Унгарија, Романија и Австрија се искачи на 21.

Градот Ниса во југозападна Полска продолжува да ја зајакнува својата одбрана и покрај тоа што локалните власти на провинцијата потврдија дека нивото на водата е намалено. Хрватска, Унгарија и Словачка остануваат во состојба на зголемена готовност бидејќи се предвидуваат пообилни врнежи од дожд.

Италијанските региони Емилија Ромања и Лацио го активираа жолтиот метео аларм за пороен дожд и грмотевици. Романија прогласи вонредна состојба за областите Галати и Васлуи, која ќе остане на сила до 16 октомври. Полска прогласи состојба на природна катастрофа.

Чешката асоцијација за осигурување проценува дека поплавата на крајот може да ја чини земјата 17 милијарди круни (677 милиони евра). Неколку погодени земји, главно Полска и Чешка, може да очекуваат сериозни прекини во сообраќајот по големите оштетувања на железничките системи. Сообраќајот на Дунав во Австрија останува затворен.

Во Австрија, работниците од службата за итни случаи ги водат операциите за чистење по обилните врнежи. Во градот Руст им Тулнерфелд, некои жители утрово можеа да се вратат во своите домови, откако ситуацијата почна да се подобрува.

Стефан Олерер, портпарол на локалната противпожарна служба, изјави дека во претходните два дена „нивото на водата се искачило до колена“ во некои куќи.

„Водата беше во приземјето и во подрумите на сите згради“, изјави тој за новинската агенција Ројтерс.

Началникот на друг локален противпожарен оддел ја опиша ситуацијата во последните неколку дена како „екстремно хаотична“.

„Најдовме претежно поплавени улици. Потоците се излеаја од коритото, целата ситуација беше многу хаотична, но противпожарните служби од Долна Австрија завршија многу, многу добра работа“, изјави тој за Ројтерс.

Слични содржини