Бучковски: Бугарија ќе направи историска грешка ако ја блокира нашата земја на европскиот пат

од Aleksandar Petrovski

Со Договорот за пријателство и соработка со Бугарија добиваме потврда дека сме посебен народ и го добиваме јазикот во формулација која сега исто така создава проблеми, изјави поранешниот премиер Владо Бучковски, додвајќи дека Софија прифатила спогодбата да биде склучена на македонски јазик со додавка „официјалнот јазик согласно Уставот на Република Македонија“.

Според него, на барањата на Софија околу Гоце Делчев, македонскиот јазик и идентитет мора да се гледаат во контекст на „загревање“ на бугарските политичари пред изборите во март следната година.

– Ова е еден конснезус кој го има кај мнозинството (бугарски) политичари, кои јавно ги изразуваат своите ставови и барат од нас некоку работи. Прво, доследно почитување на она што сме го запишале во Договорот, а тоа е со забрзано темпо да работи заедничката комисија и да ги затвори отворените прашања. Мене тоа брзање не ми се допаѓа, истакна Бучковски при гостување во вестите на телевизија Сител.

Сепак, според него, мнозинството граѓани на Бугарија и мнозинството влијателни политичари  и интелектуалци се против она што го прават властите во Софија во последната година.

– Ние за жал бевме преокупирани минатиот октомври со најавите за предвремени избори, потоа дојде пандемијата и не обрнавме доволно  внимание на предупредувањето што дојде од бугарскиот Парламент, со усвоената Резолуција, смета Бучковски.

Тој потенцира дека ние од наша страна направиме отстапка со признавањето дека имаме заедничка историја, додавајќи дека и во Бугарија мора да бидат свесни дека и во нашето општество има „драматично придвижување напред“.

Бучковски, при тоа потести, дека во 1999 година во земјава се сметаше како контроверзна Декалрацијата за соработка што тогашниот премиер Љубчо Георгиевски ја склучи со Бугарија, а кога тој во 2006 година споменал дека доаѓа време за заедничко чествување на Кирил и Методиј и на Илинденското востание, бил, како што рече, „распнат и од моите социјалдеморкати, но и од владејачките медиумски пера, тврдејќи дека се подготвувам да ја распродадам македонската историја“.

– Денес 14 години подоцна во јавноста не е спор да речеме дека Делчев е заеднички јунак или заедничка личност што треба да ја славиме заедно со Бугарија, додаде Бучковски, потенцирајќи дека заедничкото чествување е во прилог на зјакнување на добрососедски односи во духот на европските вредности.

Според него, нас сепак повеќе не погодува дополнителното оспорување на нашиот идентитет.

– Ако се навратиме во минатото, во една пригода во 1967 во Софија има средба на Тодор Живков со нашиот Крсте Црвенковски. Иста е темата – македонско бугарскиите односи. И да не цитирам што говорат, но Црвенковски вели сега не е време да ги затвориме прашањата за заедничката историја, но за десетина години ќе биде полесно, истакна Бучковски.

Според поранешниот премиер, добро е што Мешовитата комисија за историски прашања ќе продолжи да работи во декември, а за идната година веќе се закажани уште пет нејзини  средби.

– Тоа ни дава надеж дека сепак историчарите ќе остават простор на политиката. Историчарите не можат да го вратат тркалото на историјата назад, истакна Бучковски.

Тој смета дека Бугарија ќе направи историска грешка ако ја блокира нашата земја на европскиот пат и нема повторно да се врати оваа шанса двата народи да покажат дека се братски, како што тие тврдат.

– Бугарите сами сакаат да им дадеме шанса да бидат нашите големи промотори. Но, на овој начин тие повторно ги нарушија односите, па и кај оние кои беа најголемите оптимисти се отвори сомнеж дека нешто во нашите релации не почива не меѓусебна доверба, туку има скриени намери некои од сето ова да направи голема штета. Тоа ќе биде голем пораз и за ЕУ, додаде Бучковски.

Тој вели дека сепак е охрабрен што „сите овие компликации“ се случуваат за време на претседавањето на Германија со ЕУ, бидејќи верува во умешноста на германската канцеларка Ангела Меркел и знаејќи ги нејзините релации со бугарскиот премиер Бојко Борисов, е уверен дека ќе се изнајде решение, дури ако треба и со дополнителни објаснувања.

– Јас се придружувам на ставот на премиерот Зоран Заев дека нема потреба од нови договори со кои би го поништиле сегашниот, но ако е потребно нешто декларативно ние да се обврземе дека не бегаме од препрочитување на заедничката историја и без предрасуди, но врз автентични документи, да утврдиме зошто определени личности се заеднички јунаци, херои кои треба да бидат модел како треба да се градат идните мостови на пријателство и соработка, вели Бучковски.

Според него, политиачрите треба да ја охрабрат работата на заедничката комисија и да испратат јасна порака.

– Јас сум сепак умерен оптимист дека постои можност, ако се држиме до Договорот за пријателство и соработка, дека ќе се изнајде решени, истакна Буковски при гостувањето во вестите на Сител.

Слични содржини