Буџетскиот дефицит на Словенија е скоро две милијарди евра

од Vladimir Zorba

Словенија во првото полугодие достигна рекорден буџетски дефицит од 1,96 милијарди евра, што е последица на падот на приходите и зголемените расходи поради пандемијата од Ковид-19, објави словенечкото министерство за финансии.

Ефектите од кризата имаа силно влијание врз приходите во првите шест месеци – изнесувале 4,3 милијарди евра и биле за 15,5% пониски отколку во истиот период минатата година кога државниот буџет беше во суфицит од 220 милиони евра.

За разлика од приходите, расходите во првото полугодие пораснале за 27,7% во однос на минатата година и изнесувале 6,2 милијарди евра.

На расходната страна, најмногу пораснале трошоците за плати, стоки и услуги, додека најголемиот пад на страната на приходите се должи на пониските даночни приходи поради ограничувањата на економските активности во текот на првата фаза на епидемијата.

Министерството за финансии во наредните месеци очекува уште поизразени ефекти од пандемијата врз падот на приходите и растот на расходите на државниот буџет, поради намалената економска активност и владините мерки за поддршка на економијата.

Се очекува владата да предложи ребаланс на државниот буџет пред парламентот во есен, кој првично предвидуваше дефицит од 656 милиони евра.

Слични содржини