Бугарија: Со јајца и домати го нападнале Министерството за одбрана затоа што сака да купи американски ловци Ф-16 (видео)

од Nikola Popovski

Демонстрантите во Бугарија фрлале кон Министерството за одбрана со јајца и домати, како и авиони играчки, поради намерата на владата да купи уште една група авиони ловци Ф-16 од Америка, пренесува Бугарското национално радио.

Причината за огорченоста на демонстрантите била реакцијата на министерот за одбрана Красимир Каракачанов во неделата, кога при положување цвеќе на хероите- падобранци во Софија, еден од незадоволните граѓани јавно побара оставка од министерот, велејќи му „дека народот не те сака“.

„Дали си ти народот?“, Одговори Каракачанов.

Демонстрантот тогаш му возвратил на министерот.

„Да, министре, секој од нас го претставува народот! Без разлика дали сме еден или сме седум милиони – секој е народ, затоа сега ќе ви подготвиме омлет“, изјавил организаторот на антивладините протести, адвокатот Николај Хаџигенов во близина на зградата на Министерството за одбрана.

Протестите со барање за оставка на Владата и главниот обвинител траат во Бугарија повеќе од сто дена. Оттогаш, бугарскиот премиер Бојко Борисов смени четворица клучни министри: за финансии, економија, правда и туризам.

Минатото лето Бугарија купи осум авиони Ф-16 во вредност од скоро 1,26 милијарди долари од САД, кои ќе влезатво употреба во 2023 и 2024 година.

Каракачанов неодамна објави дека земјата е заинтересирана за купување уште осум авиони, но овој пат тие ќе ги плаќаат на рати. Во САД, потенцирале дека ќе можат да ги испорачаат сите 16 ловци во 2024 година, ако договорот за втората серија биде склучен во рок од една година. Другите услови за можната зделка сè уште не се познати.

Во врска со ова, бугарските медиуми во понеделникот напишаа дека земјата има многу планови за вооружување, но дека прашањето е дали има пари.

Слични содржини