Бугарија воведува нови мерки заради короната: Бројот на случаи и натаму расте, ќе има уште санкции?

од Aleksandar Petrovski

Од денес, Бугарија повторно воведува некои построги мерки во борбата против коронавирусот, како што е забрана на публиката на натпревари и забрана за работа на ноќни клубови.

Ова беше решено на видео конференција на кризниот штаб со која претседаваше премиерот Бојко Борисов, пренесува БТА.

Решено е сите спортски настани на затворено и отворено да се одржат без присуство на публиката, да се забрани работата на дискотеки и ноќните клубови, освен на отворено, кои ќе треба да работат со преполовен капацитет и да се води сметка за дистанца на гостите од најмалку 1,5 метри .

Како што се наведува, прослави со повеќе од 30 учесници се исто така забранети.

– Реалноста покажа дека дисциплината не е наша силна страна, поради што повторно ги воведуваме овие мерки. Убеден сум дека заострувањето на мерките ќе го стори своето и дека работите наскоро ќе се вратат во нормала. Ситуацијата е сериозна и мора да најдеме рамнотежа помеѓу човековото здравје и економијата – рече Борисов.

Министерот за здравство, Кирил Ананиев изјави дека мерките се заоструваат затоа што олеснителните мерки не ги дадоа посакуваните резултати и оти не се очекува бројот на ново заразени да започне да се намалува, односно дека тој број може да почне да се зголемува.

Во Бугарија 240 лица се разболеле во последните 24 часа, а пет лица починале.

Во таа земја, вкупно 6.342 лица се разболеле од почетокот на епидемијата, додека вкупно 259 лица починале.

Слични содржини