Бугарската делегација ќе дојде со првиот лет од Софија до Скопје

од Берта Китинска

Министерот Благоја Бочварски најави дека првиот комерцијален лет од Скопје за Софија ќе биде изведен на 11-ти февруари за што се согласила туристичката компанија Гуливер.

-Првиот лет од Софија до Скопје пристигнува на 11 февруари, при што со бугарска делегација предводена од министерот за транспорт и комуникации на Бугарија, Николај Сабев, придружуван од бугарските тур-оператори, ќе оствариме заедничка средба и ќе разговараме за отворање на нови можности за нашите граѓани и за воспоставување на авиолинијата Скопје – Софија како редовна, истакна министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски.

Планот за редовна линија меѓу двата главни града кои се оддалечени 174 километри по воздух е – од март, но ќе се утврдува на состанокот на двете државни комисии за инфраструктура после премиерниот авионски лет.

-Очекувам на средбата во Скопје на 11 февруари туроператорите кои имаат најдобри сознанија во однос на сите овие постапки и на можностите кои ќе се понудат од нивна страна веројатно можноста е на почетокот, односно во текот на март да се отвори таа редовна авиолинија. Но сепак, пак ќе кажам, очекувам тоа да произлезе од страна на искусните, професионалците, туроператорите од двете земји, кои ќе ги дадат можностите и ќе дадат свои предлози, каде е најпотребно да оперира оваа авиолинија освен на релацијата Скопје – Софија и водејќи се од тие сознанија секако дека ќе донесеме одлука што ќе биде од интерес на граѓаните, рече Бочварски.

Слични содржини