Бугарски аналитичари за „Локално“: Идејата на отворањето на клубовите е да има инциденти и провокации

од Nikola Popovski

Денешното отворање на македонскиот културен клуб „Никола Вапцаров“ во Благоевград предизвика големи полемики во македонската јавност. Македонските власти не најавија присуство во бугарскиот град, но порачаа дека заинтересираните граѓани можат да одат. Министерот за надворешни работи, Бујар Османи пред два дена изјави дека отворањето на клубот не е од корист на Македонците од Бугарија, исто како што бугарските клубови во Охрид и Битола не се од корист за Бугарите во Македонија.

-Кога дознав кој го финансира клубот во Благоевград, ми беше јасно и сите аспекти од отворањето. Тоа е една фондација од Канада која има своја веб-страница и доколку ги погледнете позициите кон државата и стратешките интереси, ќе видите дека не е во функција на стратешките интереси на државата и не очекувам да биде во функција на интересите на граѓаните или на односите. Не зборувам дека немаат право, туку не ми се допаѓа оваа тенденција за да се злоупотребат заедниците од политички актери. Веќе политичари бараат простор за некаква агенда и тоа не е патот кој што сакаме да го правиме. Да не дозволиме некој да ни ја киднапира агендата, истакна Османи.

Ивајло Калфин

Бугарската јавност со внимателност гледа на целата ситуација. Поранешниот бугарски шеф на дипломатијата и актуелен извршен директор на „Eurofund“, Ивајло Калфин во разговор за „Локално“ за изјавата на Османи вели дека се зависи од тоа со што ќе се занимаваат клубовите во двете земји.

-Треба да се поддржат сите напори за зајакнување на комуникацијата, културните врски, толеранцијата и барањето консензус. Меѓутоа, ако целта не е спречување, туку создавање конфликти, тогаш овие клубови навистина ќе бидат бескорисни. Ќе видиме, смета Калфин.

Околу фактот дека македонскиот државен врв нема да присуствува во бугарскиот град, а најавено е доаѓање на опозицијата, Калфин вели дека тоа кажува доволно.

-Колку што разбрав, овој клуб е финансиран од канадска организација која е против ЕУ и НАТО. Најдиректен начин да се спречи Република Северна Македонија да влезе во ЕУ е преку создавање конфликти со Бугарија. Доколку клубот има намера да работи во оваа насока, тогаш ова целосно го објаснува односот на претходните и сегашните владетели во Скопје, објаснува поранешниот бугарски министер.

Според него, речиси сигурно ќе има провокации.

-Очигледно некои луѓе ќе дојдат во Благоевград токму за ова. Семејството на Никола Вапцаров веќе јасно кажа дека не сака неговото име да се користи за антибугарска пропаганда. Се надевам дека сите овие патриоти имаат понизност пред споменот на големиот поет. Се надевам дека нема да дојде до инциденти, порачува Калфин.

Од друга страна, Лазарин Лазаров од Бугарската академија на науките и член на Клубот за академски реформи во кратка изјава за „Локално“ вели дека не ги разбира протестите во Благоевград и бугарската јавност околу отворањето на македонскиот клуб.

-Не можам да ги разберам и не ги одобрувам протестите од бугарска страна дека македонскиот клуб во Благоевград ќе го носи името на Никола Вапцаров. Името на поетот не е патентирано. Како може во Софија да има улици, училишта и слично по име Шандор Петиофи, Џорџ Бајрон, Михаил Лермонтов, А.С. Пушкин и други, порача Лазаров.

Паскал Гонов

Аналитичарот и адвокат по професија, Паскал Гонов прашува кои се членови на клубот на Македонците во Бугарија и клубот на Бугарите во Македонија.

-Без да ги познавам лично – според нивниот избор на покровители – еден патриот и десничарски екстремист и еден поет и левичарски екстремист, можам со убедување да кажам дека тоа се клубовите на екстремните навивачи – ултрасите. Впрочем, дијалогот меѓу Бугарија и Македонија е сведен на ниво на монолог на фудбалските активисти на трибините. Ова се некои „празни“ односи меѓу инкапсулирани, поделени и омразени луѓе. Левски и ЦСКА или Ѕвезда и Партизан, вели Гонов за „Локално“.

Според него, фан клубовите на овие тимови не помагаат да се намалат инцидентите на стадионите и меѓу агитаторите.

-Не, дури и преку нив се регрутираат и индоктринираат нови фанови. Тензијата е причината на нивното постоење. И така, во овој случај – на телевизија, ќе ги видиме претседателите на овие нови клубови како зборуваат толку многу што ќе можат да ги пополнат сите дупки на патиштата од двете страни на границата со зборови, без да имаат ниту еден разговор меѓу себе, оценува Гонов.

Бугарскиот аналитичар додава дека идејата на отворањето на клубовите е да има инциденти и провокации.

-Во Битола, Охрид или Благоевград имало и ќе има демонстранти, пиромани и провокатори. Затоа што нема име, нема заедничко слоган или нема заедничка историја што може да го смири бесот на „нашите“ фудбалски фанови. Затоа што се „верни до гроб!, порачува Гонов.

Н.П.

Слични содржини