Бугарски државјани, сопственици на банка во земјава, се дел од „Пандорините документи“

од Nikola Popovski

Документите од „Пандорините документи“ откриваат дека сопствениците на Првата инвестициска банка, во чија сопственост е и македонската УНИ Банка, Цеко Минев и Ивајло Мутафчиев имале офшор компании, објави истражувачкиот веб сајт „bird.bg“ од Бугарија.

Бугарските банкари имале регистрирано офшор компании преку Тридент од Британските девствени острови. Фирмите поврзани со нив земале кредити од Првата инвестициска банка, банка во Бугарија во која исто така сопственост имаат Мутафчиев и Минов.

Во истражувањето е откриено дека покрај нивните фирми, кредити од банката земале и оф шор компании кои се во сопственост на кипарски Грк, а се поврзани со истите бугарски банкари.

Од ПИБ реагираа на наводите од новинарското истражување, велејќи дека станува збор за постари и веќе познати информации за проблематичното работење на банката пред петнаесетина и повеќе години, а не за нови откритија.

Пандора документите, последниот проект на новинарскиот истражувачки конзорциум открива многу политичко-бизнис шеми со оф шор компании низ целиот свет. За Македонија е наведено дека има две оф-шор фирми поврзани со сопственици од Македонија, но други детали не се наведени.

Фото: Бирн.бг

Слични содржини