Бугарски интелектуалци: Бугарската влада веднаш да го одобри почетокот на пристапните преговори на С.Македонија со ЕУ

од Nikola Popovski

Група бугарски интелектуалци во писмо адресирано до премиерот Бојко Борисов, министерката за внатрешни работи Екатерина Захариева, амбасадорите на земјите-членки на ЕУ во Софија, како и до канцеларијата на ЕУ во нивната земја, бараат бугарската влада веднаш да го одобри почетокот на пристапните преговори на С.Македонија со ЕУ.

Во писмото велат дека изразуваат, како што велат зголемена загриженост дека по период на кратко подобрување на односите меѓу двете земји политичките елити од двете страни дозволиле пресврт во односите.

„Исклучително загрижувачки е фактот што Република Бугарија го блокираше почетокот на процесот на преговори на Република Северна Македонија за членство во ЕУ, со аргумент кој е неразбирлив за современите меѓудржавни односи. Бугарија поради тоа ќе претрпи штети со непредвидливи последици на својот имиџ на различни ненационални нивоа. Во прашање се пријателството, добрососедството и соработката помеѓу Бугарија и Северна Македонија, кои се главните столбови на Договорот за пријателство. На таа линија, алармантно зачестуваат пројавите на навреди од двете страни, вклучително и на високо политичко ниво, на ароганција и кратковидни историски интерпретации со живописен националистички и шовинистички вкус“, оценуваат интелектуалците.

Наместо фокус на историските спорови, бугарските интелектуалци бараат дебатата да се насочи кон суштински теми.

„Да се ​​развие „патоказ“ за заедничко дејствување за спроведување на Договорот со соодветни рокови. Да се даде решителен почетен поттик за активности со силен потенцијал за затоплување на односите преку унапредување на политичка, дипломатска и граѓанска размена, воено-техничка соработка, економска, еколошка, образовна и културна соработка, научната соработка, медиумите и заштитата на човековите права. Да се ​​постави експлицитно барање до политичарите, граѓаните и медиумите во двете земји активно да се спротивстават на јазикот на омраза и манифестациите на историскиот реваншизам, ароганција и супериорност во политичкиот и јавниот живот“, велат интелектуалците.

Тие предлагаат како еден од првите чекори да биде именувањето на транспортната инфраструктура меѓу двете држави на Коридорот 8, „Гоце Делчев“.

„Нема ли токму тоа да биде оној симбол, наследство од минатото, кој не го дели, туку го зближува народот од двете страни на границата?“, се наведува во писмото на бугарските интелектуалци објавено денеска.

На писмото досега се потпишани 30 бугарски интелектуалци: историчари, социолози, политолози, економисти, правници, новинари, активисти за човекови права, психолози и еден поранешен советник на бугарскиот претседател Жељу Жељев.

Слични содржини