Бугарски „Труд“: Западот врши притисок врз Софија поради Скопје, немаме поддршка од странските партнери

од Nikola Popovski

Дури и со доаѓањето на новата влада во Бугарија, позицијата за блокада на европскиот пат на Скопје нема да се промени, пишува бугарскиот весник „Труд“ и додава дека тоа го потврдил и новиот шеф на дипломатијата, Светлан Стоев. Весникот наведува дека поради тоа прашање се врши силен притисок врз Бугарија од Западот и дека земјата нема поддршка од странски партнери.

„Во таа непријатна и крајно агресивна атмосфера, која Македонија ја претвора во уште понепријатна и поагресивна, се чини дека позицијата на Бугарија нема можност да стигне до нашите странски партнери, и покрај консензусот за таа тема што го имаме во земја. Ни недостасува силна и громогласна поддршка во странство. За да ја добиеме, потребна ни е одлична дипломатија и лобирање, што несомнено ќе ни користи“, се вели во написот на весникот.

Понатаму во текстот се наведува дека во случај Софија да не ја добие таа дипломатска битка, тоа ќе биде навреда за Бугарија и Бугарите.

Стоев претходно изјави дека новата влада ќе стори се за да го продолжи дијалогот со Скопје. Во исто време, тој повика да не се шпекулира дека позицијата на државата ќе се промени со доаѓањето на привремената влада.

Неодамна поранешниот генерален секретар на НАТО, Џорџ Робертсон ја повика Бугарија да го укине ветото и да овозможи почеток на преговорите за пристапување на С. Македонија во Европската унија. Во средината на мај, австриската министерка за прашања во ЕУ, Каролина Едштадлер ја повика Бугарија да престане да го попречува почетокот на преговорите. Шведската министерка за надворешни работи, Ен Линд исто така повика наскоро да започнат преговорите.

Слични содржини