Бугарското МНР го осуди синоќешниот говор на омраза на арената „Тодор Проески“

од Nikola Popovski

Бугарското министерство за надворешни работи го осуди исвиркувањето на бугарската химна на фудбалскиот натпревар меѓу репрезентациите на Македонија и Бугарија во Скопје.

Во изјавата на портпаролот на бугарското МНР и заменик министер за надворешни работи, Костадин Коџабашев, се наведува и дека „говорот на омраза кон Бугарија и Бугарите од трибините на националниот стадион во Скопје е недвосмислена негација на основните вредности на современите демократски општества и е во контраст со европските принципи и норми на однесување“.

Во соопштението се наведува и дека бугарското МНР ја зема предвид реакцијата на Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија, кое го осудува говорот на омраза за време на фудбалскиот натпревар и истовремено ги повикува официјалните власти во Скопје да го направат тоа што е неопходно за искоренување на „антибугарската агресија во јавниот простор на земјата“.

Бугарското МНР потсетува и дека со Договорот од 2017 година и билатералните протоколи потпишани во 2019 и 2022 година, двете земји категорично се залагаат за преземање ефективни мерки против говорот на омраза. Исто така, се посочува дека зачувувањето на напредокот постигнат во последните месеци во политичкиот дијалог бара ваквите настани засекогаш да станат дел од минатото, за двете земји да отворат нова страница во односите, засновани на меѓусебно почитување и почитување и добрососедство.

Слични содржини