Бугарското МНР: Разочарани сме од Резолуцијата, допрва ќе ја анализираме

од Nikola Popovski

Министерството за надворешни работи на Бугарија е разочарано од Резолуцијата на Собранието на Република Северна Македонија донесена на 29 јули 2021 година и со жалење забележува дека овој чин доаѓа во време кога билатералниот дијалог меѓу Софија и Скопје, како резултат на постојаните напори , почна да преминува во попозитивна и ветувачка фаза, стои во соопштението на тамошното МНР.

-Бугарија со нетрпение очекува да се објави резолуцијата со цел внимателно да се анализира нејзината содржина во однос на нејзината компатибилност со Договорот за пријателство, добрососедство и соработка потпишан и ратификуван од Собранието на Република Северна Македонија во 2017 година, како и потенцијалното влијание на овој документ, на досегашниот дијалог, посочува бугарската дипломатија.

Според нив, би било целосно неприфатливо за Бугарија да мотивира или оправда неисполнување на Договорот за добрососедство и соработка од 2017 година преку такви акти, што е во спротивност со водечките принципи на меѓународното право.

-Единствениот правилен начин за изнаоѓање одржливи и заемно прифатливи решенија за тековните предизвици во нашите односи е строго придржување кон договорите и обврските, нивната ефикасна и совесна имплементација, како и одржување искрен и целосен дијалог, заклучува бугарското МНР.

Македонското собрание со 95 гласа за, еден – воздржан и ниту еден против, ја усвои резолуцијата со која се одредуваат македонските црвени линии во преговорите со Бугарија, односно во контекст на целиот процес на евроинтеграциите. Официјалното име на усвоениот документ е Резолуција за утврдување на македонските државни позиции во контекст на блокадите на европските интеграции.

Слични содржини