Цаца Николовска: Не е доцна за ветинг и сеопшто испитување и утврдување на одговорност

од Nikola Popovski
291 прегледи

Најавите за ветинг и пораките на дел од политичарите не се новост во македонската јавност. ДУИ го форсираше своето предлог-законско решение уште од пред четири години, според кое со ветинг требаше да бидат опфатени и правосудството и политичарите. Предлагаа идните функционери да се проверуваат низ два филтри: вмешаност во корупција и руско влијание, а таа проверка, по теркот на НАТО безбедносните сертификати, да ја прави меѓународен борд. Во тоа време, поранешниот предлог на тогашната владеачка СДСМ во времето на експремиерот Зоран Заев беше ветинг да има само во правосудството. Сето остана само на празни ветувања и зборови.

Сега ДУИ повторно бара меѓународен ветинг. Велат дека секое доцнење на овој процес ќе ги засили сомнежите за посветеност кон борбата против корупцијата. Од владеачката ВМРО-ДПМНЕ излегоа со одговор дека партијата на Али Ахмети е во очајни обиди да го скрие криминалот.

Ветингот на судството и прочистувањето на политиката од корумпирани функционери е една од главните теми коишто ја одбележуваа секоја кампања пред изборите, но овој пат и пост-изборно. Дел од експертската јавност смета дека ваквата тема бара големо елаборирање. Поранешната уставна судијка и поранешната судијка во Судот за човекови права во Стразбур, Маргарита Цаца Николовска во краток разговор за „Локално“ вели дека во ситуацијата во која се наоѓа државата, не е доцна за ветинг кој би значела сеопшто испитување и утврдување на одговорност за утврдената состојба, а не како ветингот направен во Албанија.

Според неа, ветинг е потребен не само за високите функционери, имајќи го во предвид постоењето на недовербата не само во праводсудството.

-Не е исклучена и потреба од меѓународниот фактор во спроведување на ветингот, но не само тој, посочува Цаца Николовска.

Тврди дека потребно е и државата да покаже дека има капацитет да го спроведе истиот.

-Сакам да нагласам дека е потребна јасна прецизна и квалитетна законска регулатива за спроведување на ветингот. Повеке сакам да ги употребам зборовите испитување на состојбите по одредени прашања, посочува поранешната судијка.

Дека темата долго време се начнува, но без конкретни активности и резултати, смета и универзитетскиот професор по кривично право, Гордан Калајџиев. Смета дека треба да се прекине „ваквите будалаштини“.

Треба да се гради систем на постојана контрола (checks and balances). Правна држава не се прави кампањски, посочи кратко Калајџиев за „Локално“.

Ветинг по дефиниција значи институционална проверка на вршителите на јавни функции во насока дали се соодветни за работната позиција и дали имаат одговорност, интегритет и кредибилитет да ја вршат функцијата.

На 31-ви јануари 2020 година пратеничката група на ДУИ до парламентот поднесе предлог-закон за ветинг за лица кои се носители на јавни функции во законодавната, извршната и судската власт. Со овој закон се предвидуваше формирање на Агенција што ќе ги контролира сите актуелни носители на јавни функции, но и сите тие што ќе се кандидираат. Законот не помина, а десет дена подоцна Собранието се распушти поради закажаните избори.

Во регионот само Албанија имаше храброст да спроведе ветинг, но во редовите на судскиот систем. Овој процес почна во 2016 година и исфрли на површина голем процент на корупција помеѓу судиите и јавните обвинители. Над 60 проценти од судиите беа сменети, а голем дел од нив си дадоа оставки уште пред да почне ветингот.

Н.П.

Слични содржини