Цементарница УСЈЕ контра Арсовска: Мерењата во јануари покажаа пониски емисии од дозволените граници

од Nikola Popovski

Цементарница УСЈЕ ги отфрла неоснованите ставови изнесени во јавноста од страна на градоначалничката на град Скопје, Данела Арсовска. Од фабриката истакнуваат дека вонредната контрола од страна на Државниот инспекторат за животна средина, спроведена на 3. и 4. јануари 2023 година, во присуство и на инспектори од Град Скопје, потврди дека емисиите од производниот процес во Цементарница Усје се пониски од дозволените гранични вредности.

-Производниот процес во Цементарница Усје се одвива во законски определените рамки и според еколошките стандарди. На прес конференцијата без изнесени и податоци за мерења на 26. и 27. декември 2022 година. Вакви мерења во овие денови во кругот на фабриката воопшто не се направени, па оттука резултатите од нив не можат да се поврзат со УСЈЕ, информираа од УСЈЕ.

За мерењата направени на 3. и 4. јануари 2023 од страна на ДИЖС и инспектори за животна средина на Град Скопје во кругот на Цементарница УСЈЕ, велат дека потврдуваат дека нема корелација помеѓу работата на Цементарницата и квалитетот на амбиентниот воздух во градот.

-Резултатите од мерењата на сите емисини точки во процесот потврдуваат дека нема надминување, а концентрацијата на РМ10 честичките во амбиентниот воздух измерена во Цементарница УСЈЕ е дури и помала од други мерни места во градот, ни рекоа од Цементарницата.

Додаваат дека поради енергетската криза и нарушеното снабдување со природен гас, за загревање на просториите се употребува мазут што е дозволен енергенс согласно А-Интегрираната Еколошка дозвола.

-При оваа вонредна контрола, кај парниот котел, кој не е дел од производниот процес и е исклучиво наменет за загревање на просториите, беше регистрирано отстапување кај еден параметар од мерењата. Компанијата веднаш ќе ги имплементира препораките на инспекторатот и ќе направи замена на енергенсот со природен гас. Во Усје редовно се вршат независни мерења од страна на акредитирани лабаратории. Резултатите од досега извршените редовни мерења покажаа дека сите емисии, вклучувајќи ги и емисиите во котларата, се под законски дозволените граници. Последното вакво редовно независно мерење е направено на 28.10.2022 година. Цементарница Усје во континуитет ќе продолжи да ги унапредува сите процеси согласно принципите за транспарентно и одоворно работење, појаснија од фабриката.

Градоначалничката Данела Арсовска денеска обелодени дека покренала кривична постапка против Цементарницата поради загадување на воздухот во главниот град.

-Повеќе нема никој да биде толериран. Здравјето на сите нас којшто живееме тука не смее да зависи од профитот на неколкумина. При последното мерење констатирано е драстично пречекорување на испустот на штетни честици со што се нарушува квалитетот на амбиенталниот воздух. Дополнително од котларата за загревање на цементарницата утврдено е дека има надминување на граничните вредности на азотни оксиди, при што мерењата покажуваат повеќе од двојно поголеми вредности од дозволените 350 мг, односно покажуваат 711 мг на метар кубен, обвини Арсовска на прес-конференција.

Слични содржини