Цената на нафтата падна на 85 долари за барел

од Stefanija Kuzmanovska

Цените на нафтата паднаа до 85 долари, под притисок од знаците за изобилство на понуда во САД што се совпадна со загриженоста за побарувачката откако централната банка сигнализира дека има намера да продолжи да ги зголемува каматните стапки.

На лондонската берза, цената на барелот по пладне беше пониска за 59 центи отколку на затворањето на тргувањето вчера и изнесуваше 84,99 долари. Речиси за исто толку барелот поевтини на американскиот пазар каде се тргува по 78,42 долари.

Чувството на берзите беше пригушено со изјавите на претставниците на американската централна банка дека ќе бидат принудени да продолжат постепено да ги зголемуваат каматните стапки со цел да се спречи инфлацијата.

Инвеститорите ги толкуваа нивните изјави како сигнал дека трошоците за задолжување ќе се зголемат повеќе отколку што очекуваа, што ќе го забави економскиот раст и побарувачката на нафта. Инфлацијата во САД само малку ослабе во јануари, покажа извештајот на Министерството за труд, по забележително забавување во претходните месеци.

Во такви услови, инвеститорите беа загрижени од силниот раст на комерцијалните залихи на сурова нафта во САД минатата недела, за дури 10,5 милиони барели, велат извори кои имале увид во извештајот на Американскиот институт за нафта (API).

Во меѓувреме, американската влада соопшти дека оваа година ќе продаде 26 милиони барели нафта од стратешките резерви, и покрај тоа што падна на најниското ниво од 1983 година, откако продаде 180 милиони барели во 2022 година.

Значителен пад на цените спречи денеска Меѓународната агенција за енергија (ИЕА) со зголемена проценка за растот на побарувачката оваа година и предупредување дека ограничената понуда на водечките производители може да доведе до недостиг во втората половина од годината.

ИЕА процени дека до крајот на првиот квартал, понудата од Русија ќе се намали за околу еден милион барели дневно поради европската забрана за увоз на руски барели и ценовната граница воведена од Г7 и нејзините сојузници, вклучително и ЕУ.

Организацијата на земјите извознички на нафта (ОПЕК), исто така, ја зголеми проценката за растот на глобалната побарувачка, истовремено предупредувајќи дека понудата може да биде послаба оваа година. Одделно, ОПЕК објави дека вчера цената на барел од нафтената кошничка на нејзините членки е речиси непроменета во однос на претходниот ден и изнесува 84,37 долари.

Слични содржини