Цената на становите во централното градско подрачје е стабилизирана, а на периферијата ќе се намалува – Интервју со архитектот Пановски

од Nikola Popovski
56,2K прегледи

Цената на становите е стабилизирана, барем така уверуваат дел од експертите кога станува збор за цената на метар квадратен стан во централното скопско градско подрачје. Овој тренд на раст на цената на становите се очекува да го смени текот особено за становите во подалечните градски општини. Но проблемот со квалитетот на архитектурата ќе остане, вели во интервју за „Локално“, архитектот Мартин Пановски.

Оваа разлика во цената на недвижностите кои се во централното подрачје и на периферијата очекувам да се зголемува, што не значи дека очекувам понатамошно зголемување на цените во централното подрачје, туку намалување на цените на периферијата на градот. Се надевам дека адекватно на цената ќе расте и квалитетот на архитектурата во централното градско подрачје, вели Пановски.

Во ситуација кога цената на станбениот квадрат во Скопје одамна го надмина износот од 2000 евра, не се намали интересот на купувачите а акутен останува проблемот со се потешкото справување со децениски старата инфраструктура и оновните начела на урбанизмот.

-Планирањето на градот наликува на наелектризирана кавга, каде од една страна имате инвеститори кои нормално работат за што повеќе профит и од друга страна имате луѓе на кои им е единствено важно јавно да покажат „морална супериорност“ и да соберат поени на политичката или социјалната сцена. Резултатот на ваквиот дискурс на суети никогаш не може да биде добар и секогаш ќе победи тој што го има капиталот , подвлекува Пановски.

Во однос на фактот дека со експанзија на градежништвото се зголемија проблемите на граѓаните во однос на неквалитет на елементите искористени во изградба и опремување на објектот, Пановски има впечаток дека граѓаните единствено што знаат е колку квадрати купуваат.

-Пред потпишување на договорот или преддоговорот за купување на стан добро е граѓаните да се консултираат со стручни лица, архитекти, адвокати, агенти за осигурување и сл. за да знаат што купуваат, кои им се правата и обврските, дали имаат гаранција и за што.Имам впечаток дека граѓаните во голем број случаи не знаат точно што купуваат. Единствено знаат дека купуваат квадратни метри имот.

Цената на станбениот квадрат во Скопје одамна го надмина износот од 2000 евра, но тоа не го намали интересот на купувачите. Покрај Центар и Карпош се гради речиси секаде, па оттука и прашањето каде ја препознавате “точката на пукање’’ поради се потешкото справување со децениски старата инфраструктура?  

Поразително е каде ги лоцираме проблемите, а и решението за проблемите. Земете го само примерот на улица со столпчиња на средината. Дизајн, веќе често сретнуван низ Скопје, кој треба да спречи луѓе да застануваат со возило на коловозна лента. Тоа е дизајн кој има два влезни параметрa. Луѓето немаат возачка култура и полицијата не си ја работи работата за која е платена. И правиме дизајн што ќе го реши проблемот. Во нормална земја решението на проблемот нема да е дизајн на улица која наликува на коридор за селекција на говеда, туку казна за игнорантните возачи или уште поголема казна за тие државни службеници кои не си ја сработиле работата и не ги казниле претходниве. Постојано слушам дека во Скопје треба да се забрани градење, да се затвори како град, зашто немаме инфраструктура. Да не се гради зашто колите ни се на тротоар и сл. Инвеститорот не е одговорен за градската инфраструктура. Не е одговорен за неработење на полицијата. Не е одговорен за градскиот превоз кој како концепт е од почетокот на минатиот век. Тој е должен да плати „комуналии“, данок и да работи согласно закон. Локалната власт е таа што е должна да ја планира и да ја замени инфраструктурата со соодветна. Полицијата е таа што треба „да ги ослободи тротоарите“. Локалната власт е таа што треба да се занимава со јавниот превоз и со планирање на училишта каде штоо ќе учат новодоселените деца и да не набројувам. За тоа се избрани и платени.  Општа граѓанска немоќ покажува фактот дека комплетно ни е нормално дека институциите нема да си ја вршат работата и затоа го насочуваме гневот кон други и очекуваме морална одговорност.  Од круцијална важност е да почнеме точно да дефинираме децидно кој е надлежен и кај кого е одговорноста. Не моралната, туку законската одговорност. Единствено така можеби ќе ја избегнеме точката на пукање.  

 Не е новина дека континуирано се газат основните начела на урбанизмот ( оддалеченост од друга зграда или објект, место за паркирање, зелен простор), но сепак се чини дека оваа ситуација никому не пречи. Се навикнавме или “затајува’’ контролата?

За жал, во Македонија ретки се луѓето кои се умешни во наоѓањето на „златна средина“. Планирањето на градот наликува на наелектризирана кавга, каде од една страна имате инвеститори кои нормално работат за што повеќе профит и од друга страна имате луѓе на кои им е единствено важно јавно да покажат „морална супериорност“ и да соберат поени на политичката или социјалната сцена. Резултатот на ваквиот дискурс на суети никогаш не може да биде добар и секогаш ќе победи тој што го има капиталот. Тука повторно доаѓаме до одговорноста. Урбанистичкото планирање е одговорност на централната власт (преку носење на квалитетни закони) и на локалната власт (преку нивното спроведување). Просторот во кој живееме е одраз на повеќе од 30 години „умешно“ владеење.

Eкспанзијата на градежништвото во Македонија, па и целиот поширок регион, спротивно на очекувањата, доведе и до големи проблеми за корисниците на објектите. Се почесто објектите се со убави плочки, убав паркет, а од друга страна неквалитет во елементите од суштинско значење (звучна, топлинска и хидроизолација, покрив, фасада, лифт, инсталации и сл.). Како да се заштитат граѓаните при купување на нов стан? 

Државата преку Законот за заштита на потрошувачи и Законот за градење обезбедува основна заштита. Безбедносниот аспект и минималните стандарди кои треба да ги има една зграда се опфатени во Законот за градење, а контролата дали законот се применува е оставена на инспекциските служби. Дали таа контрола кај нас функционира е голема тема, кој впрочем не е проблем само на областа градежништво. Потрошувачот најдобро може да се заштити со договор. Пред потпишување на договорот или преддоговорот за купување на стан добро е граѓаните да се консултираат со стручни лица, архитекти, адвокати, агенти за осигурување и сл. за да знаат што купуваат, кои им се правата и обврските, дали имаат гаранција и за што.Имам впечаток дека граѓаните во голем број случаи не знаат точно што купуваат. Единствено знаат дека купуваат квадратни метри имот. 

Дали и кога може да се очекува стабилизација на цените на недвижностите?

Стабилизацијата на цените мислам дека е достигната. Она што во изминативе две години го имавме е пораст на цените во централното градско подрачје. Оваа разлика во цената на недвижностите кои се во централното подрачје и на периферијата очекувам да се зголемува, што не значи дека очекувам понатамошно зголемување на цените во централното подрачје, туку намалување на цените на периферијата на градот. Се надевам дека адекватно на цената ќе расте и квалитетот на архитектурата во централното градско подрачје. Скопје беше можеби единствен град каде што цените на становите на целото подрачје на градот беа главно изедначени, а со тоа беа и со адекватно изедначен квалитет на архитектурата, која слободно можам да кажам е недозволива за центар на главен град на една држава.

К.В.С.

Слични содржини