Ублажување на ударот за граѓаните: „Секое намалување на цените, во ситуација кога примањата се ограничени, е добредојдено“

од Mimi Spasovska

Оваа есен и зима добра вест е што храната минимално поефтинува, но лошо е што цените на храната и натаму ќе останат високи, со оглед дека во земјава во последно време инфлацијата е највисока во последните 25 години, велат дел од стручните лица.

Нивниот коментар доаѓа по изјавата на министерот за економија Крешник Бектеши дека за неколку дена лебот, млекото и месото ќе поефтинат од 5 до 12 проценти.

Професорката Шенај Хаџимустафа од Универзитетот на Југоисточна Европа, за „Локално“ изјави дека ситуацијата со намалените семејни буџети  барем за малку ја спасува тоа што храната благо поефтинува, но укажува оти неизвесно е колку добрата вест ќе потрае.

Шенај Хаџимустафа

Шенај Хаџимустафа

„Секое намалување на цените во ситуација кога примањата се ограничени е добредојдено, но битно е колку време ќе треа ова и дали нема да има некој друг шок на среден рок“, вели Професорката Хаџимустафа.

Спред нејзините зборови, на краток рок сигурно дека граѓаните ќе ја почувствуваат промената на цените на храната, но за очекувањата за понатаму, таа вели дека не може никој да каже. Таа посочува дека факторите кои влијаат врз случувањата со инфлацијата доаѓаат однадвор, а не од дома.

-Шоковите и во домашната економија и во светот се предизвикани од состојбите со руско -украинскиот конфликт, цените на енергенсите, и со увозот на жито од Украина, вели Хаџимустафа.

Дел од граѓаните со кои разговараше „Локално“ се загрижени дека нема да има враќање на цените на храната какви што имаше минатата година. Тие коментираат дека во ситуација кога цените на храната пораснаа до небо, владината мерка за поефинување едвај може да покаже некаков ефект.

Скопјанката Јасминка се жали дека инфлаторните потреси од ден во ден се се посилни. Таа од владините мерки за благ пад на цените не очекува ништо ново во однос на она што се случува подолго време со инфлацијата.

„На поскапувања од 100 проценти поефтинувањето до 10 проценти е речиси незабележително. А, зависи и од динамиката на промена на цените. Со оглед дека секој ден се менуваат цените во маркетите, ако пазарите еднаш во неделата може и да се промаши тоа поефтинување“, ни изјави Јасминка

За пензинерите, граѓаните со минимални примања и корисниците на социјална помош освен цените храната уште поголем проблем се сметките за струја.

Весна Шапкоски

Весна Шапкоски

Весна Шапкоски, од граѓанското здружение СТАНИЦА П.Е.Т. за „Локално“ коментира дека 50 проценти од вкупните месечни примања на македонските семејства кои припаѓаат на ранливи категории како што се семејствата кои примаат минимална плата, или се корисници на социјални трансфери, оваа есен и зима очекува да отпаѓаат на трошоци за енергија.

„Енергетската криза ќе предизвика зголемен социјален јаз помеѓу богатите и сиромашните исто како и зголемен родов јаз. Сиромашното население, а особено жените се очекува дека ќе се најдат во несразмерно полоша позиција од останатото население. Во еден ваков контекст, најавеното намалување на цените на основните прехранбени производи од 5 до 12 отсто, како резултат на поддршката од Владата согласно барањата на Стопанската комора со субвенционирана електрична енргија, иако е добредојдено, сепак е далеку од доволно. Имајќи  предвид дека овие категории на граѓани освен сметките за храна и енергенси, се принудени да ги кратат сите други трошоци – овие минимални чекори кон ублажување на ударот може да се добар почеток, но никако не смее да останат како единствено решение“, вели Весна Шапкоски за „Локално“.

Уверувањата на властите меѓутоа се дека ценовниот шок треба да се стабилизира и оти тоа ќе се осети и во делот на енергенсите.

Цените на лебот, млекото и месото се очекува да паѓаат во наредните десет дена, а издатоците за струја и парно по Нова Година нема драстично да се зголемат, уверува министерот за економија, Крешник Бектеши.

„Во наредните десет дена очекуваме намалување на цените на основните прехранбени производи, посебно на тие наведени во Одлуката за утврдување на маржите од 5 до 12 отсто. И во делот на лебот веќе почна поевтинувањето. Очекуваме во наредните 3-4 дена намалување на цените на млекото и млечните производи, а до крајот на наредната недела и намалување на цените на месните производи“, информираше оваа недела Бектеши.

Според Бектеши, од 1 декември се очекуваат и поголеми поевтинувања, ако суровините останат со истите увозни цени.

Инаку и  Заводот за статистика потврди дека Македонија е на прво место во регионот по висината на инфлацијата.  Хранаат з а една година поскапе дури за 30 проценти, леботи и житарките за 50 проценти а млекото јајцата и сирењето за 40 проценти.

М.С.М.

Слични содржини