Чакарјаневски: Македонците пред да земат бугарски пасош заверуваат „изјави“ кај нотар дека се Македонци

од desk4

Колку отстранувањето на зборот „бугарски“ во учебниците и на спомениците во делот каде што се споменува бугарскиот фашистички окупатор, може да помогне во надминување на блокираните македонско – бугарски односи? „Локално“ на оваа тема разговараше со универзитетскиот професор, историчарот Ѓорѓи Чакарјаневски. Тој вели дека не е против мали технички корекции, како на пример наместо „бугарски фашисти“, во учебниците да пишува „Фашистичка Бугарија во текот на Втората светска војна“.

Потсетува дека и во минатото во македонските учебници биле направени корекции, па така наместо „турско ропство“,  сега учениците учат за „турско владеење“.

Чакарјановски смета дека дури и да е во интерес на европската перспектива,  сервилноста на нашата држава кон Бугарите и кон Грците е голема. „Какви се тие добрососедски односи доколку соседот те негира или, не ти го признава името на државата“,  прашува Чакарјаневски.

-Еве, да речеме да го избришеме од учебниците по историја зборот „бугарски“ и наместо тоа да пишуваме само „фашистички окупатори“, дали ќе смениме нешто во колективната меморија на Македонците? Секако дека не, исто како што не е сменето ништо ниту за „турското ропство“, бидејќи тоа е длабоко врежано како такво. Постоењето на фашистичка Бугарија е факт и никој тоа не може да го „сруши“, па макар во нашите учебници немало ниту „Б“ од бугарски фашисти. Не треба да ја менуваме нашата историја по желба на Бугарите, особено што во светската историја е запишано дека Бугарија била во коалиција со Хитлер, односно историјата за нив пишува како за фашистички соработници. Тука е крајот на прикаската, вели Чакарјаневски за „Локално“.

Тој смета дека со вакви и слични притисоци, Бугарија сама на себе си прави поголема штета, бидејќи колку повеќе негаторски се поставува кон Македонците, толку повеќе Македонците го зацврстуваат својот идентитет во однос на бугарските  скриени намери.

Чакарјаневски порачува дека во врска со барањата на Бугарија, Македонија секогаш треба да бара реципроцитет.

Посочува дека не може на пописот во нашата држава, според произволните проценки на Бугарија, да има 120.000 Бугари. Тие (Бугарите) како „свои“  ги бројат и Македонците кои  извадиле бугарски пасоши поради егзистенцијални причини  со цел да работат во западноевропските земји. Тој вели дека како  историчар – анкетар и во минатото и сега собира изјави од Македонци  со најразлична содржина.   Јавноста треба да знае, вели Чакарјаневски дека нашите граѓани кои земаат бугарски пасоши, пред да им биде издаден овој документ во Бугарија,  одат кај нотар во Македонија и таму заверуваат изјава, во која пишува дека тие не се чувствуваат како Бугари.

Според Чакарјаневски Македонците во изјавата пишуваат:

„Јас……. од татко Македонец……. и мајка Македонка……, по националност сум Македонец. Ја давам оваа изјава бидејќи во скоро време сакам да извадам бугарски пасош кој ми треба за лични потреби, затоа што како шофер треба да возам камион низ ЕУ. Бидејќи сум Македонец, сакам да посведочам пред сегашните и идни генерации, мои наследници, дека по националност сум Македонец и дека бугарскиот пасош го вадам исклучиво само заради лични потреби“.

-Вакви изјави имам собрано од многу нашинци кои поради различни причини биле приморани да го извадат бугарскиот пасош, но најмногу од шофери бидејќи тие возат надвор од Македонија низ европските земји и таквиот пасош им треба исклучиво заради егзистенцијална природа, а не поради некакви бугарски чувства, вели Чакарјаневски.

Б.Т.

Слични содржини