Чавушоглу: Русија и Украина се приближуваат до договор за „клучните“ прашања“

од Vladimir Zorba

Русија и Украина се приближуваат до договор за „клучните“ прашања, рече турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу во интервјуто во неделата, додавајќи дека се надева дека ќе се постигне примирје доколку двете страни не се откажат од досегашниот напредок.

Чавушоглу, кој минатата недела отпатува и во Русија и во Украина за да разговара со своите колеги Сергеј Лавров и Дмитриј Кулебa, за турскиот весник „Хуриет“ изјави дека „позициите на двете страни за важни теми, клучни теми, се приближиле“.

„Можеме да кажеме дека се надеваме на примирје доколку страните не се повлечат од сегашните позиции“, рече Чавушоглу без дополнително објаснување.

Портпаролот на турскиот претседател Ибрахим Калин за телевизијата „Ал Џезира“ изјави дека двете страни се приближуваат до четири клучни прашања. Тој го наведе барањето на Русија Украина да се откаже од амбициите за влез во НАТО, демилитаризација, потоа она што Русија го нарекува „денацификација“ и заштитата на рускиот јазик во Украина.

Украина и Западот ги отфрлија руските обвинувања за „неонацисти“ во демократски избраната украинска влада како неоснована пропаганда, а Калин рече дека таквите обвинувања се навредливи за Киев.

И покрај обвинувањата од двете страни за одолговлекување, Киев и Москва напредуваа во разговорите минатата недела за решение што ќе ја гарантира безбедноста на Украина, но надвор од НАТО.

Калин рече дека трајно примирје може да се постигне само преку средба меѓу Владимир Путин и украинскиот претседател Володимир Зеленски. Сепак, тој додаде дека Путин верува дека позициите за „стратешките прашања“ на Крим и Донбас не се доволно блиски за да се договори средба.

Русија го анектира полуостровот Крим во 2014 година, а дел од источната индустриска провинција Донбас беше окупирана од проруските сепаратистички сили.

Турција, членка на НАТО, дели поморска граница и со Украина и со Русија во Црното Море и има добри односи со двете земји и понуди да посредува во преговорите меѓу нив.

Турција ја изрази својата поддршка за Украина, но во исто време се спротивстави на широките западни санкции наметнати на Москва поради инвазијата.

Слични содржини