Чавушоглу: Турција не е вмешана во актуелната мигрантска криза

од Milan1

Турција е неосновано обвинета дека има улога во мигрантската криза на границата меѓу Полска и Белорусија, изјави турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу.

Според турски дипломатски извори, Чавушоглу и полскиот министер за надворешни работи Збигњев Рау во средата телефонски разговарале за мигрантската криза на границата меѓу Полска и Белорусија, пренесува „Дејли Сабах“.

Турскиот министер во таа прилика нагласи дека има обиди да се прикаже Анкара како дел од проблемот, додека реално, како што наведе, таа не е вклучена во тоа прашање. Тој изрази жалење за неоснованите обвинувања против Турција и „Туркиш ерлајнс“ (THY), додавајќи дека Анкара ги отфрлила таквите обвинувања.

Во вторникот турска авиокомпанија ги отфрли обвинувањата дека превезува мигранти во Белорусија поради граничната криза. Негирајќи ги „неоснованите“ тврдења, авиокомпанијата рече дека нејзините летови до Белорусија на кој било начин не помагаат во илегалниот имиграциски сообраќај.

Чавушоглу во разговорот го потсетил и полскиот министер дека јавноста мора соодветно да биде информирана за ваквите наводи и покани технички тимови од Полска да дојдат во Турција. Полска и Европската унија го обвинија белорускиот претседател Александар Лукашенко дека се обидува да возврати на санкциите на ЕУ со намерно повикување и насочување на мигрантите кон полската граница.

Земјите од ЕУ кои граничат со Белорусија, Литванија, Летонија и Полска пријавија драматично зголемување на бројот на илегални преминувања од август. НАТО и ЕУ сметаат дека пристапот на Белорусија кон мигрантите е обид за дестабилизација и поткопување на безбедноста во Унијата. Според последните податоци на ЕУ, оваа година досега преку границата меѓу Белорусија и ЕУ се обиделе да влезат 7.935 луѓе, што е драстично повеќе од само 150 минатата година.

Полските власти ја зајакнаа заштитата на границата во понеделникот и мобилизираа повеќе од 12.000 војници, откако голема група мигранти почна да се движи кон границата на земјата со Белорусија, придружувана од белоруската армија.

Слични содржини