Челси со сензационална понуда до Интер за 130 милиони евра

од Vladimir Zorba

Челси размислува за шокантна операција вредна околу 130 милиони евра за да привлече не еден, не двајца, туку дури тројца играчи на Интер, пренесе „Калчомеркато“. Двата тима се во одлични односи, а само во последните 12 месеци најпрво го комплетираа рекордниот трансфер на Ромелу Лукаку од 113 милиони евра од „Џузепе Меаца“ на „Стемфорд Бриџ“, а потоа летово белгиското крило се врати во Италија.

Токму на овие одлични односи во овој случај се потпираат „сините“ од Лондон кои сакаат да ги привлечат Милан Шкриниар, Дензел Данфрис и младата надеж Чезаре Касадеи. Италијанскиот извор информираше дека цените на тројцата најверојатно ќе бидат структурирани во варијанта од околу 70 милиони евра за централниот дефанзивец Шкриниар, околу 40 за Холанѓанецот Данфрис и помеѓу 15 и 20 за младиот Касадеи.

Преговорите меѓу двата тима се во тек, но не е јасно во која фаза се. Интер повторно има финансиски проблеми и треба да продаде еден од своите најдобри играчи за да може да ги балансира финансиите. Шкриниар беше блиску до трансфер во Пари Сен Жермен, но пропадна. Набргу потоа се појави информација дека на „Џузепе Меаца“ нема ништо против да се разделат со Данфрис кој пристигна пред само една година за околу 15 милиони евра. „Нероазурите“ минатата недела ја одбија првата понуда на Челси за Касадеи, која беше 8 милиони фунти.

Сега лондончани се надеваат дека ќе успеат да го искушат италијанскиот тим со сума која дополнително ќе донесе финансиски мир на тимот на Симоне Инзаги, а еден месец пред затворањето на трансфер пазарот најверојатно ќе отвори можности за засилување на одредени позиции.

Слични содржини