Чепреганов за „странска помош“ во Историската комисијa: Искуствата од Охридскиот и Договорот со Грција не ветуваат дека таа експертиза ќе биде објективна

од Nikola Popovski
5,1K прегледи

Моето мислење е дека историјата на Македонија и македонскиот народ  ја истражуваат, анализираат и пишуваат македонските историчари и нема никаква потреба од било какви странски експерти. Дали со тоа ние испраќаме порака дека во Македонија нема историчари кои ја познаваат историјата на Македонија, македонскиот народ и Балканот и е потребно надворешни експерти да ни ги определуваат историските настани и личности како заеднички, вели за „Локално“, историчарот и професор Тодор Чепреганов, коментирајќи го старо-новиот предлог околу евентуално приклучување на меѓународни експерти во работата на Мешовитата македонско-бугарска комисија за историските и образовните прашања.

Како што наведува во разговорот, имајќи го предвид искуството од учеството на странски експерти, во повеќе наврати во македонската политика (Охридскиот рамковен договор, договорот со Грција и Бугарија) Чепреганов не очекува дека таа експертиза ќе биде објективна и во согласност со научните истражувања и ставови на македонските историчари.

-Прашањето во однос на трошењето на парите го оставам на надлежните органи, а лично сметам дека за 32 состаноци да потрошите илјадници евра со резултат со кој не се согласуваат најголемиот дел од македонските историчари и на поголемиот дел од Македонците, е премногу, посочува историчарот.

Во однос на тоа дека работата на Комисијата често се користела за политички цели, соговорникот истакнува дека од двете држави беше укажувано од голем број историчари и интелектуалци и беа објавени голем број на реакции. Според него, самиот факт што Комисијата беше формирана од страна на Министерството за надворешни работи, како дел од владата, „е аргумент за нејзината политичка цел за реализација на политичката идеја за „заеднички чествувања на заеднички историски настани и личности насочени кон зајакнување на добрососедските односи во духот на европските вредности“.

-И покрај негативните реакциите од фелата за средновековната историја, Комисијата се согласи за заедничко чествување на пет личности како значајни за македонско-бугарската историја. И тоа беше прифатено од политиката. За целото време на работа на Комисијата немаше никаква јавност во нејзината работа и резултатите прво беа испорачувани до политиката. (Истото може да се случи и со новата Комисија, експертска, но политички зависна?!), оценува Чепреганов.

Историчарот смета дека историската „експертска“ комисија не одговори на задачата за која беше формирана. Посочува дека поранешните членови на Комисијата „сами се ставија во позиција да бидат злоупотребени од политиката за политички цели со фактот што нивни претпоставен беше политиката, а не историската наука“.

-Ниту еднаш не се осмелија да организираат една средба на која со своите колеги, експерти, за одредени области да дискутираат за темите кои се дискутирале на состаноците на Комисијата. Истата не успеа да се надрасне во однос на нејзиното политизирање, за што носат вина самите тие, истакнува Чепреганов.

Сепак, соговорникот посочува дека нема потреба од било какви историски комисии. Вели дека е апсурдно е во 21 век, комисии да ги определуваат историските настани и личности кои се ваши, а кои не, а за потребата на некој политички договор и треба да ги чествувате како заеднички.

-Договорот треба да се раскине и да се работи на договор кој ќе биде во интерес на македонскиот народ. Комисијата треба да се повлече и да ги прекине разговорите. Влегување во дискусија во XXI век за Вашите митови и историски личности и настани ве прави недоветни и инфантилни пред другите. Научните собири, конференции, семинари, дебати се местата каде научните работници од фелата дискутираат и дебатираат за историските настани и личности растеретени од политка и политизирање.

Само со меѓусебно респектирање и почитување на различностите, без било каква уцена и негирање, со меѓусебно прифаќање на историјата како два посебни и засебни народи, можеме пријателски и добрососедски да чекориме кон и во Европа, заклучува Чепреганов.

Властите ќе истражуваат како донеодамна членовите на Мешовитата комисија ги трошеле хонорарите – ова го изјави премиерот Христијан Мицкоски, како одговор на ставот што вчера го објавија разрешените историчари од Комисијата, во кој го обвинуваат за авторитаризам.

Ставот на разрешените историчари е дека комисијата била злоупотребена за политички и партиски цели и интереси во двете земји.

Тие ги дефинираа како „неаргументирани, навредливи и навредливи“ обвинувањата на премиерот Мицкоски дека недоволно ги бранеле интересите на Македонија и го обвинуваат дека ги дели граѓаните на „заштитници“ и „незаштитници“ на националните интереси според нивните лични ставови со што „намерно се испраќа авторитарна и заканувачка порака дека оној што нема да ги исполнува неговите очекувања и политички погледи ќе биде етикетиран дека не ги штити националните интереси.“.

Мицкоски вели дека нема ништо против од вклучување на експерти од ОБСЕ, Советот на Европа или УНЕСКО во Историската комисија, како што предлагаат нејзините поранешни членови, но, како што вели, ќе се вклучат и истражните органи за да се види на што се трошеле парите.

За нов претседател на експертската комисија е поставен универзитетскиот професор Ванчо Георгиев.

Н.П.

Слични содржини