Чешка никогаш не доживеала ваква криза: Пандемијата лошо се одрази на потрошувачката на пиво

од Stefanija Kuzmanovska

Пандемијата на коронавирусот лошо се одрази на потрошувачката на пиво во Чешка, чии граѓани се познати по нивната голема „љубов“ кон тој пијалок.

Просечната потрошувачка по лице падна за седум литри, на 135 литри минатата година, што е најнизок податок од 60-тите години на минатиот век, покажуваат податоците на Чешката асоцијација на производители на пиво.

Шефот на синдикатот, Франтишек Самал, рече дека тој никогаш не доживеал ваква криза и дека 500 пабови морале трајно да ги затворат вратите, а годинава се очекува да се затворат уште стотици пабови, пренесува агенцијата АП.

Баровите и рестораните се затворени со месеци откако пандемијата на коронавирус ја погоди земјата во март минатата година.

На падот на потрошувачката на пиво влијаеше и забраната за пиење алкохол во јавност и откажувањето на спортски, културни и други настани.

Вкупното производство на пиво во земјата падна за 6,9 проценти на 20,1 милиони хектолитри, додека извозот на пиво падна за 381.000 хектолитри на околу 5 милиони хектолитри, што е прв пад по девет години раст.

Чешка е една од најтешко погодените од европските земји од Ковид-19.

Во таа земја, со 10,7 милиони жители, пријавени се над 1,6 милиони случаи на ковид-19, вклучително и 28.640 смртни случаи.

Слични содржини