Чешките десничари сакаат „Чегзит“

од Vladimir Zorba

Чешката десничарска партија СПД, која би можела да одигра клучна улога во формирањето на новата чешка влада следниот месец, може да побара закон од владата што ќе доведе до референдум за излез од ЕУ. Ова денеска го соопшти Томио Окамура, лидерот на партијата позната по своите позиции против ЕУ и НАТО, пренесува „Prag morning“.

„Еден од основните услови е во манифестот на владата да се вклучи закон за референдум, вклучително и можност за референдум за излез од ЕУ или потенцијално од НАТО“, рече Окамура пред новинарите по средбата со претседателот Милош Земан.

СПД со години се залага за напуштање на ЕУ и референдум за ова прашање.

Според најновото истражување, 66% од Чесите се за останување во Унијата, додека 28% сметаат дека треба да ја напуштат.

Обидите за одржување референдум досега се „заглавија“ во парламентот, а потегот на Окамура може повторно да го покрене прашањето.

Владата на Андреј Бабиш се противи на законот за референдум, кој ќе овозможи гласање за бројни прашања, како што е членството во ЕУ, и секој предлог за референдуми треба да има двотретинско мнозинство во двата дома на парламентот.

Изборите во Чешка треба да се одржат на 8 и 9 октомври и се претпоставува дека Бабиш ќе победи на нив, иако, според предвидувањата, за формирање влада ќе му треба помош од други партии.

Двете главни опозициски партии одбиваат да влезат во коалиција со Бабиш, нагласувајќи дека тој е во судир на интереси како основач на бизнис империјата.

Слични содржини