Четири банки и уште енергија – што содржи 10-тиот пакет санкции против Русија?

од Vladimir Zorba

Уште четири руски банки може да завршат на „црната“ листа на ЕУ, пренесува европското издание Politico по повод дискусиите за 10-тиот пакет санкции на заедницата против Русија. Извори на изданието тврдат дека најголемата приватна банка во Русија – „Алфа банка“, чиј сопственик е Михаил Фридман, најверојатно ќе потпадне под ударите на Брисел.

Деталите за ограничувањата во овој пакет сè уште не се изготвени, но насоките се договорени на високо ниво, пишува „Блумберг“. Можно е некои од нив да се променат, бидејќи е потребна поддршка од сите земји од заедницата. За мерките претставниците на земјите-членки ќе почнат да разговараат во Брисел во среда (15.02), а се очекува ЕК да го претстави пакетот на 24 февруари – една година по почетокот на сеопфатната војна во Украина.

„Политико“ посочува дека на списоците за забрана ќе бидат додадени уште стоки, чиј извоз ќе биде забранет, вклучувајќи камиони и трактори, како и машини и електронски компоненти. Сè уште не е јасно дали дијамантите ќе бидат вклучени во ограничувањата. Во јануари Белгија сигнализираше дека може да ја ограничи трговијата со „крвави“ дијаманти од Русија, но побара посветеност на целиот свет во оваа мерка.

Во однос на енергијата, многу е малку веројатно дека ЕУ ќе воведе санкции против Росатом или други претставници на рускиот нуклеарен сектор. Причината е силниот отпор на Унгарија. Бугарија, исто така, посочи дека ќе стави вето на таквата мерка, иако експертите сметаат дека нуклеарниот сектор може да се снајде без Росатом. Сепак, Агенцијата за нуклеарна регулација смета дека санкциите против рускиот нуклеарен сектор се катастрофални за Бугарија.

Украина санкционираше голем број руски нуклеарни компании како казна за окупацијата на нуклеарната централа Запорожје, како и за акциите на руската војска против вработените во централата и депортацијата на нивните роднини и деца во Русија.

Сепак, се очекува ЕУ да воведе забрана за увоз на некои нафтени производи од Русија, како и да ги спречи Русите да држат позиции во одборите на компаниите кои се дел од критичната инфраструктура на Европа, вклучително и компаниите кои управуваат со енергетските мрежи или компании за гас.

Има информации дека ЕУ ќе санкционира и компанија со седиште во Дубаи која го поддржува извозот на руска нафта, заобиколувајќи ги санкциите, посочуваат уште изворите на „Политико“. Информациите за прекршувањето ги обезбеди една од земјите во заедницата, која стравува од растечкиот извозен капацитет на Русија. Но, се очекува „бродските“ нации во ЕУ да се спротивстават на мерката.

На предлог на Франција, Германија, Полска и балтичките републики, ЕК подготвува ограничувања и против 130 лица, вклучително и воен персонал и државни службеници распоредени на окупираните територии, новинари од пропагандни канали (како РТ, на пример), како и лица поврзани со „Вагнер“ .

Во меѓувреме, според Sonntagszeitung, швајцарската банка Credit Suisse ги замрзна руски средства во вредност од 17,6 милијарди швајцарски франци (19 милијарди долари). Ова е околу 1/3 од руските средства во Швајцарија, додава изданието. Од почетокот на војната во Украина, швајцарската влада блокираше имот во вредност од 7,5 милијарди франци на физички и правни лица од Русија и Белорусија. Поради европските санкции запленети се 15 имоти.

Швајцарските банки се обврзани да пријават депозити на руски граѓани кои не се на списоците за санкции, во вредност од повеќе од 100.000 франци. Владата на земјата му препорачува на банкарскиот сектор да не прифаќа нови средства од Русија над оваа сума.

Според податоците на Министерството за економија на Швајцарија, од средината на ноември, 7.500 руски бизнисмени поседуваат нешто повеќе од 46 милијарди франци во земјата, додава Finews. Некои од овие бизнисмени не се под западни санкции.

Слични содржини