ЧИЕ СЦЕНАРИО СЕ СПРОВЕДУВА СО НАПАДОТ НА БУГАРСКИОТ КЛУБ ВО ОХРИД: „Замка за провокации кои би оправдале идни блокади од Софија“

од Nikola Popovski

Владите на Северна Македонија и Бугарија го осудија нападот врз бугарскиот клуб „Цар Борис Трети“ во Охрид, трет за месец и поливина по неговото отворање. Инцидентот предизвика низа реакции – македонскиот државен врв нападот го окарактеризира како вандалски чин, а Бугарија не се согласува со оваа квалификација и го нарече тешко кривично дело, за што била информирана и Европската комисија.

Објектот на здружението, кое го носи името на бугарскиот цар, соработник на фашистите во Втората светска војна, бил оштетен со огнено оружје.

Сепак останува прашањето чие сценарио се спроведува со нападот на клубот?

За политичкиот аналитичар Иво Ранѓеловиќ, фокусот на ваквите настани не треба да биде во вината за нападот, туку во мотивот за постоење на вакви клубови.

Иво Ранѓеловиќ

Тој во разговор за „Локално“, вели дека суштината на овие клубови е во најмала рака провокативна, затоа и нападите се повеќе од очекувани.

-Владите од двете страни се виновни за отворањето и опстанувањето на овие клубови, но колатералата ќе биде секогаш граѓанинот. Во иднина никој нема да разговара за суштината на овие клубови, туку ќе расправа за одговорноста на индивидуалци низ изолирани инциденти од вакот тип, истакнува Ранѓеловиќ.

Соговорникот е дециден дека последните вакви немили настани може да го попречат евроинтеграцискиот пат на земјата.

-Апсолутно. Овие клубови се замка за провокации кои би оправдале идни блокади од официјална Софија. Ја рационализираат нивната омраза. Ваквата стратегија е однапред осудена на успех, бидејќи невозможно е народот да не наседне на вакви провокации, порачува Ранѓеловиќ.

Поранешната пратеничка во Собранието, Никица Корубин смета дека последователните напади на клубот „Цар Борис Трети” во Охрид, се само кулминација, на целата кампања која се води на различни нивоа, за проблематизирање на прашањето на „бугарските клубови“, нивното отворање третирано како провокација, за константно одржување на тензија која продуцира нетрпеливост и омраза; а која на крајот резултира со недозволиво насилство кое никако не може и не смее да се оправда како „испровоцирано насилство“.

-Според мене, овие клубови само се користат за свесно создавање на проблеми и опструкции на нашиот пат кон ЕУ, а работа на надлежните органи е да го превенираат потенцијалното насилство и да го санкционираат стварното насилство. А, задача е на сите политички чинители со своите изјави и делување , на никаков начин да не охрабруваат било какво насилство, а најмалку да го оправдуваат, апелира Корубин.

Никица Корубин

Последниот напад со употреба на огнено оружје, вели Корубин е сериозно нарушување на безбедноста, не само за основачите и посетителите на клубот, туку и на сите граѓани, и очекува така да биде третиран инцидентот и од страна на МВР.

-Според мене, преблага е квалификацијата вандалски чин, затоа што повеќе не станува збор за изолиран случај, туку за свесно последователно повторување на насилството. Верувам дека сите надлежни институции ќе постапат професионално, поради сериозноста на ситуацијата, оценува поранешната пратеничка во Собранието.

Соговорничката смета дека патот на евроинтеграциите, во оваа фаза, зависи од нас самите и од никој друг и како што вели, затоа индикативни се зачестените насилства кон клубовите на Бугарите во Северна Македонија.

-И токму поради тоа важна е реакцијата и на надлежните институции, но и реакциите на власта во политичка смисла, но и во смисла на конкретни функции што ги обавуваат, реакцијата на медиумите со (не)пристрасното известување и реакцијата на сите влијателни чинители. Ако продолжи ова скандализирање и хистеризирање на јавноста, тогаш секој од нас како граѓанин треба да се запраша, кому и зошто пречи развивање на добри односи со Бугарија и кој сака забавување на започнат евроинтегративен процес? Не знам во чиј интерес е тоа, но тоа сигурно не е интересот на граѓаните и во светло на новата стратегија за проширувањето на ЕУ усвоена пред два дена, заклучува Корубин.

Оливер Вархеји

Од друга страна, еврокомесарот за проширување и добрососедска политика, Оливер Вархеји порача дека за секој напад врз која било заедница во Македонија, полицијата и владата треба да преземат соодветни мерки.

– Свесен сум за вчерашниот напад и се надевам дека Владата ќе постапи исто како и во претходните случаи. Тоа значи започнување истрага, но и пронаоѓање на сторителите, изјави Вархеји за бугарските медиуми.

Тој додава дека е подготвен да се сретне со претставници на организации на македонските Бугари доколку побараат средба, односно дека неговата врата е „секогаш отворена за сите заинтересирани од која било земја кандидат“.

Н.П.

Слични содржини