Член на персоналот на британското кралско семејство поднесе оставка по расистички коментари

од Vladimir Zorba

Вработен кај кралското семејство на Обединетото Кралство поднесе оставка откако беа упатени расистички коментари кон шефот на британска добротворна организација на приемот што го приреди сопругата на кралот Чарлс Трети, кралицата Камила.

Бакингемската палата во средата соопшти дека член на персоналот дал „неприфатливи и длабоко жални коментари“ и дека лицето се извинило и поднело оставка.

Нгози Фулани, извршен директор на „Систа Спејс“, рече дека била прашана од вработен во Бакингемската палата од каде „навистина доаѓа“ за време на настанот во вторникот.

Фулани, која е црнокожа, работи како застапник за правата на жртвите на семејно насилство и го опиша разговорот со „Лејди СХ“ како „прекршок“.

Таа на Твитер напиша „една жена дојде кај мене, ми ја мрдна косата за да ја види значката со моето име“, а потоа инсистираше да праша од кој дел на Африка е таа.

И покрај тоа што Фулани рекла дека е Британка, членот на персоналот рекла: „Можам да видам дека ќе биде предизвик да те натерам да кажеш од каде си“.

Фулани рече дека инцидентот ја оставил со „измешани чувства“ за посетата на палатата и дека после тоа „останатиот дел од настанот бил како во магла“.

Во соопштението на палатата се вели: „Ние го сфаќаме овој инцидент многу сериозно и веднаш го истраживме за да ги утврдиме сите детали“.

Оттаму додадоа дека контактирале со шефот на добротворната организација и ја поканиле лично да разговараат за нејзиното доживување.

„Во меѓувреме, засегнатото лице сака да го изрази своето најдлабоко извинување за предизвиканата болка и се повлече од својата почесна улога, со моментален ефект. Сите членови на персоналот се потсетуваат на политиките за различност и инклузија до кои мора да се придржуваат во секое време“, се додава.

„Систа Спејс“ е организација со седиште во Источен Лондон која ги поддржува жените од африканско и карипско потекло кои биле жртви на злоупотреба.

Семејното насилство е едно од главните прашања со кои се бори кралицата Камила откако се приклучи на кралското семејство.

Слични содржини