Членки на ЕУ бараат укинување на безвизниот режим за Косово

од desk4

Поранешниот министер за надворешни работи на Косово, Петрит Селими, објави во пост на Твитер дека според последните информации, три земји членки на ЕУ бараат суспензија на безвизниот режим за Косово.

Селими прецизираше на Твитер дека тие три земји размислуваат да побараат суспензија на средствата од ИПА-фондовите и на визната либерализација за Косово поради ескалацијата на ситуацијата на северот од Косово, што тој го оценува како драстични и неприфатливи потези.

„Најнова информација од разговорите во рамките на ЕУ: најмалку три земји-членки на ЕУ (тука нема да ги именувам) размислуваат да побараат суспензија на ИПА фондовите и на визната либерализација за Косово. Тоа се драстични, неприфатливи потези. Сега ни требаат конкретни решенија за Косово,“ напиша Селими.

Во одделен пост, Селими ги посочува како извор на информацијата брифинзите од европскиот Комитет за политика и безбедност.

„Повторно ќе речам, ова се интервенции од неколку земји-членки. Некои други членки со право забележаа дека кризата во Косово се совпаѓа со протестите против Вучиќ во Белград,“ посочи тој во твитот.

Претходно утринава, портпаролот за надворешни работи на Алтернатива за Германија (АфД) во Бундестагот, Петр Бистрон, кој е и пратеник во Парламентарното собрание на Советот на Европа, изјави дека најновата ескалација на насилството покажува оти за Косово нема место во СЕ.

„Неодамнешната ескалација на насилството на Косово покажува: нема место за Косово во Советот на Европа! Регионот останува буре барут и ако го примиме во Советот на Европа и во ЕУ, ќе ги префрлиме проблемите на регионот во нашите институции и со тоа ќе ги дестабилизираме,“ соопршти пратеничката група на АфД и ја повика федералната влада веднаш да ги прекине активностите за прием на Косово во СЕ.

Германското Министерство за надворешни работи претходно ги осуди нападите во северно Косово во кои беа повредени војници и цивили на КФОР и повика на итна деескалација на ситуцијата.

Слични содржини