Членките на ЕУ се согласија за декларација со која се потврдува нивната посветеност за проширувањето

од Nikola Popovski

Земјите-членки на Европската унија (ЕУ) постигнаа договор за текстот на декларацијата што ја потврдува посветеноста кон процесот на проширување на Западен Балкан и ја нагласува важноста на капацитетот на унијата да интегрира нови членови, објави вечерва Радио Телевизија Србија (РТС).

Декларацијата, која лидерите на ЕУ и Западен Балкан треба да ја усвојат на самитот Брдо во Крањ во среда, е резултат на компромис меѓу земјите -членки кои бараа појасна поддршка за пристапување на регионот во ЕУ и оние кои првично одбиваа да споменуваат проширување. РТС, повикувајќи се на дипломатски извори во Брисел.

„ЕУ ја реафирмира својата посветеност кон процесот на проширување, врз основа на веродостојни реформи, исполнување строги и фер услови и принцип на сопствените заслуги“, се вели во текстот, додавајќи дека ЕУ мора „да го одржува и продолжи својот сопствен развој, вклучително и капацитетот за интегрирање на нови членови“.

Иако е постигнат договор за текстот на декларацијата, лидерите на ЕУ би можеле повторно да ја отворат дебатата за нејзината содржина за време на самитот, наведува РТС.

Неколку земји-членки на ЕУ, вклучувајќи ги Италија, Германија, Австрија, Белгија, трите балтички држави и Вишеградската група, побараа поамбициозна поддршка за пристапување на Западен Балкан отколку вообичаената формулација на европска перспектива.

Од друга страна, скептичните земји, вклучувајќи ги Данска, Холандија и Франција, посочија дека ќе ја прифатат поддршката за проширувањето само доколку е поврзана со строга политика за условеност и исполнување на реформите, нагласувајќи дека подготвеноста на ЕУ да интегрира нови членки е важен фактор во процесот, дознава РТС.

Во текстот на декларацијата на ЕУ, сеочекува партнерите од Западен Балкан да се придржуваат до принципите и вредностите на ЕУ, што вклучува „приматот на демократијата, основните права и владеењето на правото“, и нагласува дека „ силното граѓанско општество и независните плуралистички медиуми се клучни за секој демократски систем “.

Слични содржини