Членовите на Владата и функционерите се обврзаа на транспарентно и одговорно работење

од Берта Китинска

На отчетно, одговорно, транспарентно и чесно работење денеска и официјално се обврзаа членовите на Владата, потпишувајќи го етичкиот Кодекс донесен на 22 септември годинава.

Согласно Кодексот, функционерите, директорите и лицата на раководни позиции во институциите именувани од Владата, на секои шест месеци ќе треба да доставуваат извештај за направените трошоци во текот на нивното работење, кои, потоа, ќе се објават на владината алатка за отчетност. Кодексот ги обврзува и да ги објавуваат податоците за работењето на плановите, ревизорските извештаи, завршните сметки, сипсоците на вработени, односно се што е од интерес за граѓаните.

Како што истакна премиерот Зоран Заев пред потпишувањето, со овој чин системски ќе се подигне свеста на оние кои извршуваат јавни функции, ќе се изгради систем на интегритет, добро владеење и управување, но ќе се врати и довербата на граѓаните во институциите, нивната ефикасност и функционалност и ќе се исполни препораката на ГРЕКО.

Заев рече дека вицепремиерот за борба против корупција, Љупчо Николовски ќе биде одговорен за следење на спроведувањето на Кодексот.

-Ова е свечен чин со кој сите ние како членови на Владата, заменици министри, директори и јавни функционери, се обврзуваме дека го прифаќаме Кодексот за почитување на уставноста, законитоста, професионалниот интегритет, ефикасноста, лојалноста, одговорноста и транспарентноста на Владата и сите нејзини институции. Потписот е нашата согласност дека ги прифаќаме сите највисоки етички принципи за заштита на човековите слободи и права при вршење на нашите функции и должности во рамките на Уставот, законите и меѓународните договори, рече Заев.

Според Николовски, нема да се толерира нетранспернтно работење и неодговорност. Ако владините функционери не го испочитуваат Кодексот, ќе одговараат согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер.

Слични содржини