Чоко-банана кнедли

од desk2

Феноменално тесто што крие превкусен фил

Потребни состојки (за 6 кнедли):
200 грама варени компири без лушпа
5 грама путер
прстофат сол
60 грама младо, несолено крем-сирење
1 лажичка ванилин шеќер
лажица пченичен гриз
2 лажици млеко
80 грама брашно и уште малку брашно за формирање кнедли

За филот

60 грама рендано млечно чоколадо
1 банана

За валање на кнедлите

чоколадни трошки
мелени ореви или друго јаткасто овошје по избор

За преливот

половина кесичка пудинг од ванила
250 милилитри млеко
1 лажица шеќер

Начин на подготовка:
Исечкајте го варениот компир, додајте исечкан путер и сол, па сето тоа заедно изгмечете го. Кога ќе го додадете брашното, компирот мора да биде веќе ладен. Поделете го тестото на 6 еднакви делови и направете топчиња.

Ставете вода да врие за да ги сварите кнедлите, а во меѓувреме изрендајте го чоколадото и исечете ја бананата на 6 круга.

Кога водата ќе почне да врие, намалете ја температурата на средна јачина, па почнете да ги полните топчињата. Извалкајте ги рацете со брашно за да не ви се лепи тестото, разделете едно топче со прсти, ставете малку рендано чоколадо, па банана, па покријте ја со уште рендано чоколадо. Затворете го филот со тесто и вратете му ја формата на топчето. Наросете го со брашно садот во кој ги спуштате полнетите кнедли, за да не ви се залепат.

Наполнете ги сите кнедли и спуштајте ги во водата која врие. Најдобро е да користите пластична лажица со дупчиња за спуштањето и вадењето на кнедлите. Внимавајте да не ви се залепат за дното на тенџерето. Брзо ќе испливаат на површина, а кога ќе се случи тоа, варете ги уште 4-5 минути (вкупно околу 10).

Додека кнедлите се варат, пригответе го преливот. Измешајте 250 милилитри млеко со лажица шеќер и половина кесичка пудинг. Сварете го така што ќе испадне поретко од класичниот пудинг.

Измешајте чоколадни трошки и мелени ореви, па извалајте ги сварените кнедли во оваа смеса и прелијте ги со малку прелив од ванила.

Напомена: Може да ги направите чоко-банана кнедлите во поголема количина, па да ги замрзнете. Кога ќе ги исфилувате, спакувајте ги во пластични кесички и ставете ги во замрзнувач, без претходно варење. Кога ќе сакате да ги јадете, одмрзнете ги и варете вкупно 15 минути.

Слични содржини