На автопатот Струма загинаа 45 македонски туристи, меѓу кои и деца, кои што се враќале во Скопје по патување во Истанбул. Најмладите патници во автобусот се близначиња кои имале по четири години, додека најстариот е на 63-годишна возраст. Повеќето од патниците се родени помеѓу 1971 и 2004 година.

Според првичните информации пукнала предната десна гума од автобусот, по што тој удрил во банкина по која се влечел. Во тие моменти се излеало гориво бидејќи работело парното во автобусот. Избувнал пожар и дошло до кобната несреќа за патниците кои од Истанбул се враќале кон Скопје.

Пожарот избувнал во предниот дел на автобусот и затоа е потполно опожарен напред. Овие детали во изјава за Бугарската национална телевизија ги обелодени Васко Пиргов, кој е експерт за мотори со внатрешко согорување и бил меѓу првите кој стигнал утрината на кобната клучка. Според него, возачот имал туби полни нафта, најверојатно дизел, до предните седишта, а токму поради ова дошло до експлозија.

„Пожарот е настанат поради човечка грешка на шоферот, кој се загледал по патот. Таму постои една чешма кај која запираат луѓето коишто имаат потреба, тоа е за пазуа, има такви повеќе локации, а тоа е заградено со банкина. Влегувајќи во банкина шоферот го удира и го криши знакот кој означува дека таму чешма. Тој знак одлетнал околу 35 метри. Веројатно автобусот се движел со повеќе од 100 километри на час. Од автобусот нема ниту еден траг од кочење, значи возачот не реагирал адекватно“, вели Васко Пиргов, експерт за мотори со внатрешно согорување.

Државниот јавен обвинител, Љубомир Јовески, заедно со шефицата на Одделот за организиран криминал, Вилма Русковска тие на автопатот „Струма“ се сретнаа со директорот на бугарската Национална истражна служба, Борислав Сарафов.

Русковска изјави дека на самото место е и превозникот на автобусите, претставникот од „Беса транс“, и таа имала кратка средба со него.

„Тука е превозникот, кратко се сретнавме. Ми рече дека 20 години има транспортна фирма, досега немале инцидент, но ние ќе ја обезбедиме целата документација за сите автобуси – кога се регистрирани, кога бил извршен технички преглед и ќе ги испратиме до колегите. Сепак, знаете, тој сега што сака може да каже, но ние обвинителите повеќе веруваме во документи отколку во што и да било друго“, рече Русковска.

Јовески изрази сочувство до семејствата на настраданите и рече дека верува оти бугарските истражни органи професионално ќе ги разјаснат сите околности во овој настан.

„Ние ќе дадеме помош во делот на обезбедување документација, идентификување на настраданите и сѐ она што е потребно во истражувањето“, изјави Јовески.

Слични содржини