Човештвото пред „климатската криза“ – предупредување од 11.000 научници ширум светот

од Aleksandar Petrovski

Човештвото е пред „климатска криза“ пишува во драматично предупредување на 11.000 научници од 153 земји кои повикуваат климатската криза да се ублажи и да се смени, објави денеска технолошката американска интернет страница ЦНЕТ.

Меѓународен сојуз на научници и истражувачи предупредува дека на човештвото му се заканува „невидено страдање“, освен ако значително не ја подобри заштитата на својата планета. Предупредувањето, објавено денеска во списанието BioScience, резимира поголем дел научни истражувања во последните 40 години и наведува дека Земјата недвосмислено е под „климатски удар“.

– Се здруживме за да прогласиме климатска криза бидејќи климатските промени се поостри и забрзуваат побрзо отколку што очекуваа научниците, изјави Бил Рипл, професор по екологија на Државниот универзитет во Орегон и коавтор на предупредувањето.

– Многумина од нас се чувствуваат како да ни снемува време за акција, додаде тој.

Рипл напиша предупредување за човештвото во 2017 година, потпишано од повеќе од 15.000 научници, во кое детално ги наведе штетите што луѓето ги направиле на животната средина и природното опкружување и бараше промени.

Ажурираното предупредување објавено денеска се фокусира конкретно на климатската криза и обединува годишни податоци за растот на населението, губењето на шумската покривка, емисиите на гасови што загадуваат и ја загреваат планетата, и потрошувачката на енергија во последните четири децении. Соопштението укажува на загрижувачки тенденции: повеќето мерки од човечко влијание врз климатските промени одат во погрешна насока уште од 1979 година.

Слични содржини