Чулев најави две кривични пријави за премиерот Спасовски

од Aleksandar Todeski

Две кривични пријави за премиерот Оливер Спасовски најави техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев. Двете се однесуваат на периодот кога тој беше на чело на МВР. Едната е заради злоупотреба на сложбена положба за фалсификување службен документ за одлука на Владата објавена во службен весник, а другата за несовесно работење при распоредување лица во МВР.

„Се работи за две кривични пријави. Првата кривична пријава е злоупотреба на службена должност од страна на техничкиот премиер Оливер Спасовски како претседател на Влада, со поддршка на одредени владини служби за фалсификување на службен документ. Се работи за седницата на Влада на која во официјалниот дел, за што постојат стенограми и записи, беа поништени пет решенија, меѓутоа веднаш потоа во „Службен весник“ излезе одлука на Влада која беше фалсификувана дека се поништени 142 решенија. При тоа е направена злоупотреба на службена должност како претседател на Влада со фалсификување на службен документ“, рече Чулев.

Втората кривична пријава, појасни, се однесува на несовесно работење со наштетување на Буџетот заради распоредување на три лица припадници на МВР за кои, како што рече, е прекршен Законот за Агенција за национална безбедност.

„Имено, постои одлука на Влада, а и допис од АНБ дека се работи тројца припадници на МВР со безбедносен ризик, а тогашниот министер за внатрешни работи Оливер Спасовски не смеел да ги распореди бидејќи лицата биле со безбедносен ризик за што постоело и одлука на Влада, а и информација од АНБ. Истите лица се распоредени крај на декември, едното лице е распоредено на 2 јануари значи само ден пред неговото назначување за технички премиер“, додаде Чулев.

Тој додаде дека се работи за лица за кои Агенцијата за национална безбедност по извршени безбедносни проверки го информира МВР дека лицата се со безбедносен ризик и согласно Законот за Агенција за национална безбедност овие лица не смеат да бидат распоредени во МВР.

„Наспроти тоа, Владата на седница на која што присуствувал и Оливер Спасовски носи одлука тие  да бидат распоредени од МИОА во други институции, меѓутоа и покрај одлуката на Владата и информацијата од АНБ дека се работи за лица со безбедносен ризик Оливер Спасовски ги разместува на работни места во МВР“, рече техничкиот министер.

Слични содржини