Актуелно
Почетна / Македонија / Политика / Чулев не негира дека сака да вработи во МВР лице за кое ФБИ водело истрага за хакерски напад

Чулев не негира дека сака да вработи во МВР лице за кое ФБИ водело истрага за хакерски напад

Министерот Наќе Чулев не негира дека сака да вработи во МВР лице за кое ФБИ водело истрага за хакерски напад, а Интерпол го барал со потерница.

„Секое лице кое ги исполнува условите утврдени во законот ими право да биде вработено или пак преземено за соодветно работно место во Министерството за внатрешни работи“, вели Чулев во реакцијата до Либертас.

„Согласно информациите со кои јас располагам, а кои лесно може да се проверат против посоченото лице А.С нема било каква постапка или обвинителен акт која го прави неподобен или преставува правна пречка за извршување на неговите задачи во АР, а и во Министерството за внатрешни работи. Напротив истиот поседува безбедносен сертификат и има позитивен полиграфски тест. Дополнително, против конкретното лице не се води ниту една постапка пред правосудните органи во нашата држава.

Трансферот, односно преземањето на вработени од една во друга институција е еден од основите за пополнување на испразнетите места кој е утврден во законот. Агенцијата за разузнавање и Министерството за внатрешни работи се сродни институции, кои имаат тесна соработка во неколку области.

Имајќи предвид сево ова не гледам ниту една правен основ кој бил законска пречка конкретното преземање да биде реализирано.

Објавањето на конкретниот случај во негативна конотација го сметам за уште еден обид за мое лично дискредитирање, како и дискредитирање на професионалниот кадар од Агенцијата за разузнавање кој се почесто заминува од таму поради лошото работење на актуелниот менаџмент во оваа државна институција“, пишува во реакцијата Чулев.

Инаку, според порталот, се работи за Ангел С. од Струга кој во октомври 2012 година извршил хакерски упад во повеќе државни институции во САД.

Откако бил лоциран од американските служби, ФБИ распишало потерница и преку ИНТЕРПОЛ бил откриен во Македонија. Лицето било приведено за кршење повеќе закони и му била запленета компјутерската опрема, случај за кој своевремено пишуваа порталите. Но, бидејќи неговото семејството важи за политички моќно во Струга како дел од ВМРО-ДПМНЕ, било извршено политичко влијание врз инспекторите во МВР да го заташкаат случајот. Преку политичките релации на семејството со тогашниот министер Зоран Ставрески, хакерот Ангел С. бил вработен во Министерството за финансии.

Потоа, тој по налог на ВМРО-ДПМНЕ пред некоја година Наќе Чулев го вработил во Агенцијата за разузнавање, а според изворите, сега како технички министер сака да го вработи во МВР.

Намерите на Наќе Чулев брзо се прошириле и во Секторот за компјутерски криминал, вклучително и до оние инспектори кои го истражувале случајот и ја воделе истрагата за лицето. Истите реагираат за носење сомнителни кадри за кои истрага водело ФБИ. Професионалците од МВР стравуваат дека Ангел С. би можел дури да биде поставен и за началник за некој од тамошните сектори по примерот на другите партиски кадри.

loading...